Соединетите американски држави се подготвени да им дадат поддршка на иницијативите кои придонесуваат за одржлив развој. А, за Северна Македонија е важно во справувањето со енергетските предизвици да ја има потпората од САД. Ставовите се изнесени на средбата остварена меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и американската амбасадорка Ангела Агелер.
Во фокусот на разговорите било зајакнувањето на соработката во областа на енергетиката. Во тие рамки и за енергетската транзиција, за подобрувањето на енергетската ефикасност и за поддршката за обновливи извори на енергија.
Притоа, министерката Божиновска ја истакнала важноста на американската поддршка во справувањето со енергетските предизвици. Во тој контекст посочувајќи дека односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба.
Американската амбасадорка во земјава, Агелер, ја потврди заложбата на САД за натамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот. Воедно, нагласувајќи ја подготвеноста за поддршка на иницијативите кои ќе придонесат за одржлив развој.
„Средбата, како дел од континуираниот дијалог меѓу Министерството и Амбасадата, се фокусираше на зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија“, се вели во соопштението од Министерството за енергетика. Од каде што информираат дека оваа средба завршила со договор за продолжување на редовната комуникација, со цел реализација на поставените приоритети и дополнително унапредување на билатералната соработка.