ПОВЕЌЕ

    Владата го одврзува кесето – медицинските сестри незадоволни, администрацијата во исчекување

    Време зa читање: 5 минути

    Откако платите на 1.060 функционери се зголемија за 78 проценти што, според позицијата значи плус 60 до 70 илјади, Владата пред пет дена конечно реши да го одврзе кесето и за здравствените работници. Нивните месечни примања ќе бидат надградени за цели 2.000, 2.500 и 3.000 денари. И, ќе се пресметаат уште при исплатата на мартовската плата.

    Подолг период вработените во тој витален општествен сектор негодуваат за висината на платите, а масло се долеа со зголемувањето на минималецот, со што, како што изјавуваа, се деградира нивниот труд. Сепак, и со сегашното решение проблемот не е надминат. Медицинските сестри не се задоволни од двете илјадарки на име раст. Ставот го изнесе Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на здруженија на медицински сестри предводена од Здружението „За нас“. „Не сме задоволни од последните зголемувања, и понатаму ќе продолжиме со барањата за зголемување на платите“, рече таа. Инаку, веста за повисоките плати пристигна токму кога се одбележуваше Меѓународната недела на сестринската професија.

    Исто така, Унијата на здруженија на медицински сестри, која брои повеќе од шест илјади членови, ќе побара од синдикатите и порадикални мерки. Како што велат, никаде во регионот примањата на овој медицински кадар не се толку доближени до минималната плата.

    Оттаму и податокот дека јавното здравство се соочува со дефицит од осум илјади сестри. Кои, или заминале во странство, или во некоја од приватните институции. Проблемот е сериозен затоа што го оневозможува функционирањето на системот и бара конкретни потези за санирање на состојбата. Платите, секако, играат голема улога.

    Платите и негодувањата од нив се честа тема, но прагот на револтот се подигна по оние фамозни 78 проценти. Во тој контекст и споредбите – износот од две илјади наменет како зголемување за медицинските сестри, функционерите го добиваат на дневна основа.

    Денес повторно и Економско-социјалниот совет ќе зборува на таа тема – платите во јавниот сектор. Од УПОЗ веќе извесно време алармираат дека најголемиот дел вработени имаат примања кои не се многу далеку од минималецот, а само оние кои се на повисоја позиција, како на пример, државен советник, го достигнува нивото на просечната плата. Впрочем, и минатиот понеделник на Советот се дискутираше за новиот општ колективен договор за јавниот сектор, кога свои предлози доставија и синдикатите, кои суштински се разликуваат од понудата на Владата.

    Предлогот на ССМ гласи: како основа за пресметување да се земе просечната исплатена бруто плата по вработен во претходната година. Коефициентот на сложеност, пак, да се утврдува во три категории. Првата или категорија А би ги опфатила работниците кои се на раководни позиции и за нив се предвидени највисоките коефициенти, од 1,5 до 2,2. Во категоријата Б се стручните работници со коефициент од 1 до 1,5. Во третата В категорија се помошно стручните работници со коефициент од 0,8 до 1. Коефициентот се утврдува со колективен договор. Од Синдикатот велат дека со ова ќе се обезбеди пристојно зголемување на платите и трудот на вработените нема да е потценет.

    Првичната реакција од страна на власта, претставувана од вицеперемиерот Фатмир Битиќи била дека е потребен транзициски период за да се стигне до посакуваната цел, односно за целосно усогласување со просечната плата.

    Од друга страна, Владата ја предлага формулата – основната бруто плата е сочинета од минималната бруто плата плус бројот на бодови за работното место. Динамиката би била: од први март 2024 вредноста на бодот ќе се зголемува за 20 насто од процентот на пораст на минималната бруто плата, од први март 2025 за 40, од први март 2026 за 60, од први март 2027 за 80 и од први март 2028 – за 100 насто.

    Во изминатите денови, според најавите, требаше да бидат направени симулации за двата предлога, кои ќе се разгледаат на денешната седница на ЕСС.

    Во меѓувреме се прават споредби со неспоредливото, како се преживува со минимална, како се живее со просечна, а како изгледа животот низ призмата на платата на избраните функционери. За потсетување, минималецот е 20.175, а просечната 34 илјади денари. Државните функционери, претседателот, премиерот и собранискиот спикер имаат месечни примања од 156 до 166 илјади; првиот човек на Уставниот суд, со чија одлука се овозможија тие речиси осумдесет проценти, како и собраниските потпретседатели околу 140 илјади денари; пратениците, министрите, уставните судии… околу 126 илјади денари… Или, тие со минималец треба да одработат најмалку шест, а со просечна плата минимум четири месеци за да достигнат некој од овие износи.

    Затоа, колку што засегнатите чекаат да слушнат што ќе одлучи Економско-социјалниот совет, толку и јавноста е во исчекување што ќе преземат властите за своите плати. Прво најавуваа корекција на коефициентите, а потоа премиерот посочи дека има и неусогласеност кај платите во државните институции, па сите тие прашања треба да се усогласат во Собранието со изгласување на измени и дополнувања на Законот за плати. Кога ќе биде тоа, не се знае.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично