Продолжуваат позитивните движења во македонскиот туризам. За единсесет месеци, од јануари до ноември 2024, бројот на туристите е зголемен за 8,3 проценти, а на ноќевањата за 5,3 насто. Сѐ побројни се странците кои доаѓаат во Македонија, меѓу кои и натаму најмногу во земјава туристички доаѓаат Турците. Без оглед што не дели една гранична рампа, Србите се втори во туристичкото рангирање. Скопје и крајезерските места се главните дестинации на посетителите.
Во тој единаесетмесече период забележливо е минимално осипување од еден отсто кај домашните туристи. Од друга страна, бројот на странските туристи пораснал за 13,8 насто. Салдото е 1.205.054 туристи, 408.927 домашни и 796.127 сгтрански. Истовремено, кај ноќевањата реализирани од домашните гости има напредок од 2,2%, а од странските туристи за 9,2%. Изразено со бројки, од вкупно 3.184.242 ноќевања, поголемиот дел – 1.718.385 се од нашинците, а 1.465.857 од дојденците.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во текот на ланскиот ноември бројот на туристите достигнал 66.701 – 68,4 проценти или 45.656 се странци, а 31,6 отсто, односно 21.045 домашни гости. Соодветни на ова се и бројките забележани кај ноќевањата – вкупно 138.226. Од нив, 84 894 (61,4%) се направени од странските, а 53.332 (38,6%) од македонските туристи.
Најмногу туристи, 27.763 на број, во ноември го посетиле Скопје. Меѓу нив 24.043 се странски туристи, чии ноќевања се доминантни – 44.208, од вкупно евидентираните 50.479.
Езерските места биле посетени од 19.043 туристи, од кои 11.247 странски.
Прв избор за сместување се хотелските капацитети, каде што во текот на ноември имало 60.456 ноќевања, а 44.437 им се припишуваат на гостите од странство. Наголемиот дел од гостите се определиле за хотелите со четири ѕвезди. Таму се направени 28.045 ноќевања. гости.
Подолго време наназад статистиката ги посочува турските туристи како најмногубројни во земјава. Во ноември се регистрирани 14.193 гости со 22.584 ноќевања. Во структурата на посетителите учествуваат со 31,1 процент, а на ноќевањата со 26,6 проценти. Зад нив се Србите – 3.790 туристи и 7.418 ноќевања.
Во Македонија, во ноември дошле и 14 туристи од други земји од Австралија и Океанија, кои се најмалубројни заедно со 14-те остварени ноќевања.
Како и да е, бројките се оптимистички, но секогашш може подобро. Државата и туристичките работници уште многу треба да работат на понудата и на промоцијата. Зашто Македонија за поголемиот дел од светот е непозната, или како што пишуваше неодмана светскиот магазин Travel And Tour World – „скриен скапоцен камен“, кој треба да се посети во оваа 2025. Особено напролет.
„Април ги повикува оние кои бараат недоволно ценета европска дестинација, да ја посетат Северна Македонија. Позната по своите езера, национални паркови и античката архитектура, оваа земја станува сè попопуларна. Скопје, главниот град, изобилува со историја, додека Охридското езеро, заштитено од УНЕСКО, нуди живописна убавина и можности за пливање, пловење и кајакарење. Северна Македонија исто така нуди одлични можности за бегство, со сместувања кои почнуваат од само 25 фунти за ноќ. Времето со температури од 18-22°C овозможува пријатно истражување, правејќи ја совршена дестинација за пролет“.