Во тековната економска клима и предизвикувачките пазарни услови, ТТК Банка АД Скопје успеа да постигне забележителни резултати, што повторно ја одразува одржливоста на нејзиниот деловен модел и успешното управување со сите деловни аспекти од работењето, како во редовни така и во вонредни услови.
Во периодот од 1.1.2020 до 30.9.2020 година, ТТК Банка АД Скопје, прилагодувајќи го своето работење на специфичните економски и пазарни услови предизвикани од пандемијата од вирусот COVID-19, постигна ефикасна реализација на приоритетните цели и задачи во согласност со Деловната политика и со Финансискиот план на Банката за 2020 година.
Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 101 милиони денари, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 339,3 милиони денари и остварените оперативни трошоци во износ од 238,3 милиони денари. Во истиот период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 34,9 милиони денари.
Финансискиот резултат за периодот јануари – септември 2020 година
изнесува 65,5 милиони денари, што е за 25,9 милиони денари или 28,3 % понизок во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, од пониската капитална добивка од продажба на преземeни средства како и од падот на пазарната цена на портфолиото за тргување во изминатиов период. Во споредба со Финансискиот план за 2020 година, кој е во согласност со првичните согледувања за последиците што ќе ги предизвика светската пандемија предизвикана од вирусот COVID-19, остварениот финансиски резултат го надминува очекуваниот резултат за 45,8 милиони денари.
Известување за промени во сметководствените политики и методите на вреднување
Заклучно со 30.9.2020 година, нема промени во сметководствените политики и методите на вреднување.
Финансиски остварувања на Банката
Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето- приходи од камати во периодот од 1.1.2020 до 30.9.2020 година изнесуваат 202,2 милиони денари и бележат пораст од 1,5 % во однос на истиот период минатата година, што главно произлегува од секторот домаќинства. Планираните нето-приходи од камати се остварени со 97,8 % од Финансискиот план.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период
изнесуваат 98,9 милиони денари и се пониски за 3,3 % во однос на минатата година, главно како резултат на намалена економска активност на клиентите во услови на криза (намалени приходи од платен промет во земјата и странство, провизии за кредитирање и брокерско работење). Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги ги надминуваат планираните за овој период за 6,6 %.
Нето-приходите од тргување изнесуваат – 5,4 милиони денари и во однос на минатата година бележат значајно намалување за 18,6 милиони денари како резултат на падот на пазарната цена на сите акции од портфолиото за тргување, поради ефектите на пандемијата на COVID-19. Во однос на планираните, остварените нето- приходи од тргување за овој период се пониски за 0,5 милиони денари.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 6,7 милиони денари и
бележат раст од 12,9 % во однос на минатата година и се остварени со 109,7 % од планираните за овој период.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 36,8 милиони денари и се остварени со 85 % од планираните за овој период.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 238,3 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 1,9 %, како резултат во најголем дел на повисоки трошоци за плати, како и материјални трошоци и административни трошоци. Планот е остварен со 97,4 %.
Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа
изнесува 34,9 милиони денари и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката. Загубата поради оштетување на
нефинансиските средства на нето-основа изнесува 0,6 милиони денари.
Исплатени дивиденди
На ден 28.2.2020 година, Банката го објави Јавниот повик за учество на Годишното собрание на акционери, коешто врз основа на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба, се одржа на 8.4.2020 година, преку писмена кореспонденција, во согласност со насоките и уредбите при вонредна состојба на Државата.
На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датумите на исплата на дивидендата, со која се исплати дивиденда за 2019 година во бруто-износ од 99.867.680 денари или висината на бруто-дивидендата по акција изнесува 110 денари односно 11 % од номиналната вредност по акција.
Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи).
Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се пониски за 3,9 % во однос на 31.12.2019 година, што главно се должи на амортизацијата на основните средства.
Промени во кредитни задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити во однос на декември 2019 година бележат намалување за 46,3 % главно како резултат на вратени краткорочни позајмици од пазар на пари и отплата на обврските по кредити.