ПОВЕЌЕ

    Штедењето – одложена потрошувачка наменета за инвестиции

    Време зa читање: 3 минути

     

    Неискористениот расположлив доход над износот на потрошувачката го претставува износот кој се заштедил.

    Зошто луѓето ја одлагаат потрошувачката? Што се случува со расположливиот доход кој не се искористил за потрошувачка? Дали штедењето претставува одложена потрошувачка која е наменета за инвестиции?

    Штедењето и инвестициите се значајни економски категории кои влијаат врз економскиот развој на една економија, врз висината на бруто домашниот производ, а со тоа и врз подигнување на квалитетот на животот на луѓето. Оттука, многу појасно се гледа зошто луѓето настојуваат да штедат.

    Штедењето како категорија опфаќа јавно и приватно штедење.

    Приватно штедење е штедењето на домаќинствата, односно делот од расположливиот доход кој останал непотрошен.

    Според податоците на Народна банка, во 2018 година износот на расположлив доход и штедење кај домаќинствата е зголемен. Значајно е да се напомене дека по неколку години негативно штедење или исклучително ниски стапки на штедење, во 2018 година се забележува зголемување на стапката на штедење (1,6 %), односно раст за 2,7 процентни поени во споредба со 2017 година, како и зголемување на расположливиот доход (7,4 %) или раст за 6,6 процентни поени во однос на 2017 година, најмногу заради зголемувањето на вработеноста и зголемувањето на просечната нето-плата во 2018 година.

    Јавното штедење го опфаќа износот на јавните приходи над износот на јавните расходи. Кога државата остварува поголеми јавни приходи од износот на јавни расходи остварува буџетски суфицит. Овој буџетски суфицит претставува јавно штедење. Во спротивен случај, кога јавните приходи се помали од јавните расходи, државата остварува буџетски дефицит.

    Со функционирањето на финансискиот систем и преку расположливите финансиски инструменти, расположливиот доход кој останал неискористен за потрошувачка се трансферира во инвестиции. На овој начин преку финансискиот систем се овозможува штедењето да се искористи за инвестиции.

    Инвестициите претставуваат зголемување или одржување на исто ниво на капиталните фондови во економијата. Капиталните фондови во економијата може да опфатат различни видови групи: градежни објекти, опрема и залихи.

    Каматната стапка е детерминанта која го одредува износот на инвестиции. Доколку домаќинствата добијат повисока каматна стапка за своите заштеди при вложување на своите средства во вид на депозити, автоматски се стимулираат повеќе да штедат. Од друга страна, пак, и за инвеститорите каматните стапки имаат значење од аспект на донесување на одлука за инвестирање. Доколку каматните стапки на кредитите од комерцијалните банки се високи, инвеститорите ќе го намалат износот на позајмени средства за инвестиција. На овој начин, каматната стапка е значаен фактор кој ги одредува инвестициите и штедењето.

    И буџетскиот дефицит претставува фактор кој значително влијае врз инвестициите. Појавата на буџетски дефицит создава потреба државата да се задолжи преку издавање обврзници или земање кредити со што го намалува расположливиот износ од штедењето кој во други околности би бил наменет за инвестиции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично