ПОВЕЌЕ

    СИТЕ ДЕТАЛИ ЗА СОЛИДАРНИОТ ДАНОК: Богатите фирми веќе си ја распределија добивката, државата си чека 80 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Врие во бизнис секторот по најавите дека, сепак, данокот на солидарност ќе се најде пред пратениците и тоа со европско знаменце, што значи дека расправата брзо ќе заврши. Стопанствениците негодуваат дека тие веќе ја распределиле добивката и дека продолжува праксата на неизвесност кога станува збор за регулатива која директно влијае врз нивното работење. Во државната каса, пак, остана дупка од околу 80 милиони евра, затоа што толку пари планираше државата да собере од овој данок.

    Порталот Пари го разгледа предлог-законот за данок на солидарност што претходно беше доставен во Собранието. Овој предлог-закон заглави во Собранието затоа што опозицијата, која претседава со Комисијата за финансирање и буџет, одбиваше да го стави на дневен ред, со образложение дека немало широка расправа за предложеното законско решение. Но, Владата се снајде и постапката ја врати на почеток – соопштувајќи дека го повлекла предлог законот, за потоа пак на седница да утврди „нов“ предлог на закон за данокот на солидарност. Според сознанијата на „Пари“, овој предлог суштински не се разликува од претходниот. Разликата е во законското образложение, каде што се дава оправдувањето за европското знаменце, повикувајќи се на Регулатива на Советот (ЕУ) 2022/1854 од 6 октомври 2022 година, за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата, а со која се утврдува и обврската за наплата на придонес за солидарност. Почитувањето на оваа Регулатива, пак, се поврзува со документи што ние сме ги потпишале, меѓу кои и со Европската комисија за финансиска поддршка од 100 милиони евра. „Новиот“ предлог закон за данок на солидарност, секако, мора да има и нов рок до кога газдите ќе мора да го уплатат во државната каса. Затоа што рокот во повлечениот предлог беше до 31 мај 2023 година и веќе е поминат. Кој е новиот рок, ќе се открие кога официјално Собранието ќе го „прикачи“ предложеното законско решение на својата веб страница.

    ПО КАКВА ФОРМУЛА ЌЕ СЕ ПРЕСМЕТУВА СОЛИДАРНИОТ ДАНОК?

    Предлог законот предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.

    Обврзник за плаќање на овој вид данок е оној, кој согласно Законот за данокот на добивка, во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари (10 милиони евра). Солидарниот данок изнесува 30 проценти, а се однесува само на делот од добивката која во 2022 година е поголема од 20 проценти во однос на претходните години. Во предложениот закон има два модела за споредба со претходен период. Во првиот се оданочува екстра профитот, а тоа е сè она што е остварено како добивка поголема од 20 проценти во 2022 година споредено со просекот од 2017, 2018, 2019 и 2021. Во вториот случај, ако просечната добивка за 2021 и 2022 е пониска од онаа во 2022 година, тогаш споредбата се прави со просек од три години: 2017, 2018 и 2019 година. Не се зема предвид 2020 година како особено кризна, кога компаниите направиле мали профити.

    ШТО ВЕЛАТ СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ?

    Според досегашните изјави на министерот за финансии, Фатмир Бесими, не се смета за екстра профит растот на профитот до 20 проценти, затоа што се зема предвид инфлацијата, поради која можеби пораснал приходот на некои фирми, а оставен е и простор за раст од нови технологии. Но, од Стопанската комора остро реагират:

    „Прво, се создава селективен пристап, затоа што се опфатени само поголемите компании кои остваруваат приход поголем од 615.000.000 денари, второ, се врши оданочување на добивката што ја оствариле компаниите, независно дали е резултат на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот), или е резултат на нивното работење, односно резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување нови пазари и сл., трето, влијае дестимулирачки на успешните компании, кои се инвестициски ориентирани, односно во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години“.

    Стопанска комора потенцираше и дека ваков данок, кој се носи ад хок, во втората половина на деловната година, создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори“.

    ЌЕ ПАДНЕ ЛИ ЗАКОНОТ НА УСТАВЕН СУД?

    Опасност што му се заканува на овој закон е неговата ретроактивност. Тој се носи во 2023 година, а за направена добивка во 2022 година.

    „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“, пишува во член 52 од Уставот.

    Стопанствениците, пак, како што велат експерти, може да се повикаат на правна несигурност и на загрозување на слободата на пазарот и претприемништвото, загарантирани во член 8 од Уставот.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично