ПОВЕЌЕ

    Сашко Самарџиоски за PariTalks: Лесно се прифаќаат правата, тешко се презема одговорност за донесените одлуки

    Време зa читање: 4 минути

    Односите во компанијата треба да се двонасочни, сѐ да функционира без проблеми. Тука се согледува умешноста на главниот менаџмент, кој треба да ги воспостави таквите односи. Ова е ставот на сопственикот на Прилепска пиварница, Сашко Самарџиоски, изнесен во поткастот PariTalks, каде што зборува за корпоративното управување, за организацијата, за правата и обврските што произлегуваат од тој систем на деловно функционирање. А, чие дефинирање е секојдневен процес, при што секој треба да одлучува до нивото на кое е поставен и цврсто да застане зад донесените одлуки.

    Потребата од корпоративното управување, вели Самарџиски, самата се појавила како неминовност по 2000 година, „заради подобро функционирање, подобра контрола, поголема транспарентност во раководењето, подобро носење одлуки“. Потреба е за компаниите со педесетина до сто вработени, што налага организациска структура и поделба по одделенија и сектори, со лица кои одговараат за нивното фукционирање, раководители и директори.

    Тоа е една мрежа и сплет на односи внатре, кој на кое ниво носи одлуки, за што одговара, што треба да се контролира и што од неговата задача е надвор од неговите ингеренции и треба да премине на друго ниво на одлучување“, вели Самарџиоски, додавајќи дека во западниот свет кој одамна функционира на пазарни услови, сопственоста е одвоена од раководењето на компанијата.

    За корпоративното управување појаснува дека е сет од систематизација на процеси и процедури за подобро управување на компанијата. Сето тоа базирано на одговорност, на контрола, на отчетност преку одредени внатрешни механизми.

    Нашата компанија е со двостепено управување. Управен и надзорен одбор. Надзорниот одбор по правило го контролира работењето на управниот одбор. Таму има тројца членови. Меѓутоа, тие членови затоа што се, исто така, вработени во компанијата, не се независни, не се надворешни, така да и тие се вклучени во целосното управување на компанијата со информации, фактички запознаени се со секоја една одлука која се носи на управен одбор“, вели Самарџиски за структрната поставеност во Прилепската пиварница. Сепак, нагласува, надзорниот одбор одржува и посебни состаноци на кои носи одлуки како оценка за работењето на управниот одбор, затоа што се грижи за стратешките одлуки од компанијата, за стратешките инвестиции, за капиталот на акционерите. А, на врвот е собранието на акционери, кое го оценува целокупното работење и на надзорниот и на управниот одбор. Вели „за среќа наша, досега собранието на акционери никогаш не оспорило ниедна одлука на надзорниот и на управниот одбор“.

    Човекот е скроен така, што побрзо ги прифаќа правата од одговорностите, па секој сака да е на раководна позиција, но „одговорноста кога ќе дојде во прашање, тогаш малце се кочат работите“, смета Самарџиоски.

    Многу луѓе сакаат да се скријат позади некој друг или позади некој претпоставен, и да се чека претпоставениот да донесе одлука којашто е на ниво на некој друг. Е сега, во таа констелација на односи е секогаш проблематично да ги натераш луѓето стварно да преземат и да најдат сила да преземат одговорност и да застанат зад она решение коешто ќе го донесат“, цени Самарџиоски, кој тврди дека е многу важна улогата на претпоставениот. На тој што ги дава задачите, затоа што од неговата проценка зависи кому ќе ја довери работата и како таа ќе биде извршена. Притоа, секогаш треба да се има предвид – што ако се случи грешка и колкави ќе бидат штетите од неа.

    За повеќе видео содржини, заследете го нашиот YouTube канал @parimedium на следниот линк PariTalks #1 | Сашко Самарџиоски | Корпоративно управување (youtube.com)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично