ПОВЕЌЕ

    Ревизорите за АВРСМ: Исплатени 1,5 милијарди денари за невработените, различни критериуми и пропусти кај висината на надоместот

    Време зa читање: 4 минути

    На невработените лица – 26.158 на број, им биле исплатени 1,5 милијарди денари или 24,3 милиони евра врз основа на правото за паричен надмест во 2021 година. Тоа се 45,34 отсто од вкупните расходи на Агенцијата за вработување.

    Податоците призлегуваат од извештајот на Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека во текот на 2021 година биле евидентирани 17.290 невработени лица – корисници на паричен надомест, од кои 62 отсто го ползуваат тоа право до шест месеци. Исто така, евидентирани се и 8.868 кои добиваат материјално обезбедување поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, од кои 72 проценти се корисници во период од 25 до 60 месеци.

    Ревизијата е направена за усогласеноста на тема „Остварување на права од паричен  надоместок“  кај АВРСМ и извршените исплати во 2021 година. Констатирано е дека корисниците на материјално обезбедување тешко се прилагодат на промените на пазарот на трудот и не наоѓаат вработување. Затоа најчесто ова право го користат се до пензионирањето.

    Исплатите, односно нивниот износ се менувал во текот на годините, но забележливо се зголемил поради отпуштањата во времето на Ковид-пандемијата. Поради тоа и беше донесена Уредба со законска сила за време на вонредна состојба во 2020, како поддршка токму на лицата кои од таа причина го загубија работното место.

    Инаку, месечниот паричен надомест како материјално обезбедување е во висина од 34 отсто од просечно исплатената нето-плата по работник за претходната година. Кај вкупно исплатениот износ е присутен трендот на опаѓање, затоа што се намалува и бројот на корисниците, првенствено поради пензионирање, но и заради престанок на некој од условите кои го предвидуваат тоа право.

    Сепак, се посочува во извештајот, во делот на правната рамка ревизорите утврдиле недоречености и отсуство на прецизни одредби во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, кој ги уредува постапката и условите за остварување и престанок на правото на паричен надоместок. Спорни се начинот на пресметка на висината на надоместокот при работа со неполно работно време пресметано во полно работно време. Исто и условите под кои невработените не можат да остварат паричен надоместок, како и условите под кои престанува правото на паричен надомест.

    Исто така, се наведува, законите за материјално обезбедување немаат континуитет во донесувањето, имаат ограничен период за поднесување барање, различни критериуми во поглед на датумот на престанок на работниот однос и работен стаж, што влијае врз бројот на корисниците и на правото кое го остваруваат во различен временски период.

    Во ревизорскиот извештај е нотирано и отсуството на целосна поделба на надлежностите на вработените вклучени во овој процес, бидејќи нема доволно кадар, што е особено изразено во поголемите центри за вработување. Оттаму и ризикот за појава на пропусти во постапката за остварување на правата од паричен надоместок.

    Воедно, во овој дел ревизорите согледале и невоедначеност во пристапот од страна на центрите за вработување, но и некомплетност на документацијата при решавање на постапките за остварување на овие права. Тоа, пак, се одразува и во утвдувањето на правото и врз висината на надоместот.

    Нема ниту системска поврзаност за размена на податоците меѓу АВРСМ и другите надлежни институции, а е недефинирана и соработката со инспекцискиот орган за работни односи. Што значи, нема навремени информации за тоа кога почнува и кога завршува правото за користење надомест, дали некои во меѓувреме се работно ангажирани или вршат дејност спротивно на законот.

    Не постои ни упатство или постапка од Агенцијата за начинот на поврат на искористените средства од страна на корисник на паричен надоместок, во случај по некоја основа да дошло до прекин на тоа право. Поради тоа, ревизорите утврдиле различен пристап на делување кај центрите за вработување во изготвувањето решенија за престанок и евидентирањето на побарувањаата за враќање на парите.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично