ПОВЕЌЕ

    РАЗОТКРИЕН КАРТЕЛ ВО ФАРМАЦЕВСКИОТ БИЗНИС: Како „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ го претворија тендерот за инсулин во личен џекпот

    Време зa читање: 2 минути

    Две големи веледрогерии во земјава – АД „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје – се фатени во забрането договарање на цени, со што нанеле сериозна штета на државниот буџет. Преку картелски договор, тие го изиграле системот на јавни набавки и со однапред усогласени понуди ја поткопале основата на слободната пазарна конкуренција.

    Станува збор за тендер спроведен од Министерството за здравство во 2016 година, за набавка на животозависни медицински производи: инсулин, глукагон, игли и ленти за мерење шеќер, како и инсулински пумпи со придружен потрошен материјал. Наместо секоја фирма да настапи самостојно, двете компании склучиле забранет договор и однапред си ги поделиле позициите – на штета на државата и на граѓаните.

    Комисијата за заштита на конкуренцијата, по детална истрага и врз основа на домашната регулатива и европската судска пракса, утврдила дека веледрогериите постапиле спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата. Наместо да се борат со цени и услови, тие соработувале зад кулисите – класичен картел.

    Решението на Комисијата, донесено по долгогодишна постапка, доби потврда и од Управниот суд, а сега и од Вишиот управен суд (пресуда УПРЖ бр. 63/2024). Со тоа станува правосилно и извршно – а санкциите се жестоки. АД „Д-р Пановски“ ќе мора да плати глоба од 1.061.000 евра, а „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје ќе плати 721.000 евра

    Комисијата оценува дека износот на глобите е пропорционален на штетата што компаниите ја предизвикале. Времето на неказнето картелско договарање, барем во овој случај, е завршено.

    Но, приказната тука не завршува. Комисијата ќе достави известување и до Управата за финансиска полиција, како и до Јавното обвинителство – што отвора можност за кривична постапка. Прашањата што се отвораат по овој случај се дали овие договори влијаеле на достапноста на лекови за пациентите? Дали и други компании биле вклучени? И што ќе направи државата за да ги врати украдените пари?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично