ПОВЕЌЕ

    ГАСЕЊЕТО ЖЕД СО ПИВО И СОК НА ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА и донесе добивка од 1,7 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Прилепска пиварница во изминатата половина од годинава забележа раст на приходите и на расходите, а крајниот ефект е добивката од 103.620 илјади денари, односно 1,7 милиони евра. Со оглед дека тоа е остварено во отежнати услови, од компанијата сметаат дека постигнатото е на задоволително ниво. Уште повеќе, има напредок во споредба со минатата година.

    За шест месеци на приходната страна се евидентирани 946.254 илјади денари (15,4 милиони евра) вкупни приходи. Структурата е сочинета од оперативни приходи 926.275 илјади денари (над 15 милиони евра) и финансиски приходи 19.979 илјади денари (324 илјади евра). Во истиот лански период состојбата била 843.833 илјади денари (13,7 милиони евра), што значи сега се работи за раст од 12,14 насто.

    Во тој контекст, Прилепската пиварница најмногу заработува од продажбата на производи и стоки на домашен терен и во странство. Приходите по таа основа се 904.777 илјади денари или 14,7 милиони евра. А, во вкупниот приход се домаинантни со учествува со 95,62 проценти.

    Зголемување има и кај трошоците. Според финансискиот извештај, расходите во првото полугодие изнесуваат 842.468 илјади денари (13,7 милиони евра). Во однос на оние од споредбениот период, кога биле забележани 791.674 ијади денари (речиси 12,9 милиони евра), зголемувањето е за 6,42 насто.

    Прилепската пиварница и во првата половина од годината го задржала курсот на инвестиции, со значителни вложувања во недвижности, постројки, опрема и ставање во употреба средства со вкупна набавна вредност од 121.454 илјади денари, односно близу два милиони евра.

    Исто така, и од добивката остварена за 2022 година, најголем дел од парите – 61.252 илади денари (безмалку еден милион евра) се распределени за нови инвестиции. Додека, пак, за дивиденда на Годишното собрание на акционерите потврден износот од бруто 15.960 илјади денари, или речиси 260 илјади евра.

    Воедно, од Прилепската пиварница планираат зголемување на сите вредности од работењето во втората половина од годината. Период во кој приоритети и натаму се одржувањето на финансиската стабилност, остварување на планските цели и грижата за вработените.

    Прилепска Пиварница, чиј заштитен знак се „Златен даб“, „Крали Марко“ и „Газоза“, опстојува на пазарот веќе цели 99 години. Инвестицискиот циклус се одвива во континуитет. Освен тоа, е и единствен овластен дистрибутер на Tuborg и Carlsberg, овластен полнител на пијалаците од Pepsi Cola International, увозник на Lipton Ice Tea, како и овластен увозник за производите „Књаз Милош“.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично