ПОВЕЌЕ

    ПАРТИИТЕ СО ПОЛНА УСТА ПЕНЗИОНЕРИ: Ќе обезбедат колку што ветуваат, или пак ќе не задолжуваат?

    Време зa читање: 9 минути

    Ниските пензии, како клучен проблем на најголемиот дел од македонските пензионери, добиваат на цена. Почна меѓупартиското наддавање за обезбедување на симпатиите кај најстабилното гласачко тело. Што не е непозната практика на нашиве балкански простори – неколку дена бесплатно бањско лекување, зимски спортови, летување…

    Пензионерите, пак, кои потекнуваат од едно друго време, во кое вистинските вредности не биле на продажба, секако дека (ќе) имаат свој избор, но знаат и дека пензиите секогаш се топ предизборна тема. И, дека во војна и во избори прва на удар е вистината.

    По повеќемесечните протести со главно барање за линеарно зголемување од пет илјади денари на сите, па и на највисоките пензии, кое од властите е одбиено поради стабилноста на ПИОМ, пензионерите влегоа во антикризниот пакет. Најранливите над 187 илјади во наредните пет месеци ќе добиваат парична помош: за пензии до 14.000 денари по 3.000 денари месечно, до 16.000 денари – 2.000 денари и до 19.000 денари – по 1.500 денари. Или, сите чии пензии се под просечната, во текот на зимскиот период ќе добијат вкупна државна помош од 35 милиони евра.

    Според премиерот, со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени над 338 илјади пензионери. Вели „како премиер ги исполнувам дадените ветувања“, па и оние за највозрасните граѓани – „го штитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнуваме“.

    Во тој контекст се и неговите зборови: „За 2023 година обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери. За 2024 година, за пензионерите и покачувањето на пензиите, согласно методологијата, одвоивме 178 милиони евра. Затоа што пензионерите заслужуваат достоинствена старост и затоа што заслужуваат системски решенија со кои континуирано ќе им растат примањата“.

    Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која по сила на функцијата е најекспонирана во перодот на пензионерските протести, најгласна е и со тврдењето дека ПИОМ не може да го издржи товарот на линеарното зголемување. Застапник е на системските решенија, па често посочува дека на тој начин „пензиите се во постојан раст“ и „најниската пензија од 9.000 денари е покачена на 13.500 денари“.

     ПО ПЕТ ИЛЈАДАРКИ МОЖЕ, САМО ДА СЕ СМЕНИ ВЛАСТА

    Триста илјади пензионери со месеци протестираат и се борат за егзистенција барајќи денар повеќе за леб и лекови, а власта е нема – тврдат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во последно време зачестено повторува дека не е невозможно да се случи зголемување со линеарните пет илјади денари. И тоа, во догледно време.

    „Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ во рок од една година линеарно ќе ги зголеми пензиите од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија. И ова е ветување кое што сакам да го дадам од оваа говорница, од оваа трибина дека во рок од една година од изборот на влада на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите ќе ги добијат линеарно тие 5.000 денари зголемување на пензиите“, порача Кристијан Мицкоски од партиското случување, со кое стартуваше промоцијата на приоритетите со кои ќе се зафатат по освојувањето на власта.

    Како што сметаат од партијата, „со овој чекор трајно ќе се зголеми животниот стандард на пензионерите со ниски пензии, и нивниот доход ќе биде на ниво кое може да ги покрива основните егзистенцијални потреби“.

    За премиерот, кој тврди дека антикризниот пакет е „за граѓаните, а не за изборите“, ветувањето од конкуренцијата е предизборен маркетинг. Па, го споредува со бесплатниот автобуски превоз што им се нудеше на скопјани, при што потсетува на решението што веќе функционира – усогласување на пензиите со растот на просечната плата и со трошоците за живот – два пати во годината.

    НАЈНИСКА И НАЈВИСОКА ПЕНЗИЈА – 12.528  : 73.503 ДЕНАРИ

    Октомвриската стистика на ПИОМ вели: од вкупно 334.971 пензионер (бројот што се споменува во Владата 338.241 е од септември) со најниска пензија живеат 85.746 лица. Највисоката пензија, пак, ја користат 75.

    Просечната пензија исплатена во десеттиот месец од годинава е 20.257 денари. Кај семејната пензија просекот е 15.963 денари, кај инвалидската – 17.976, старосната – 21.849, земјоделската –  10.416 и воената – 28.549 денари.

    Секако, со исклучок на просечната земјоделска, најниската пензија е под овие вредности, а зависи од периодот на пензионирање.

    Убедливо најниски се примањата на оние кои во пензија заминале од 1.1.1997, а се работи за вкупно 3.655 лица. Во првата група се 317 пензионери со 13.982 денари; во втората има 725 пензионери кои примаат 13.255 денари; и во трета се 2.613 пензионери принудени месецот да го врзат со 12.528 денари.

    Во нешто подобра состојба се 8.491 лице пензионирани до 31.12.1996. Првата групи ја сочинуваат 972 пензионери со пензија од 16.058 денари; втората 2.060 пензионери и 15.739 денари; третата 5.459 пензионери и 15.331 денар.

    Не им е лесно ниту на 73.600 пензионери кои тоа право го оствариле од 1.1.2002. Тука во првата група се застапени 6.541 лице со месечни 14.680 денари; во втората 18.551 со 13.918 денари и во третата се 48.508 пензионери со пензии од 13.155 денари.

    Инаку, највисоката пензија е во износ од 73.503 денари, а како семејна ја користат три, како инвалидска – едно и како старосна 71 лице.

    Според групите на исплата: до 12.528 денари е пензијата исплатена на 22.151 пензионер (6,61%); до 16.058 денари на 117.295 пензионери (35,02%); до 20.175 денари – 67.209 пензионери (20,06%); до 31.859 денари – 94.076 пензионери (28,08%); до 54.588 денари – 31.536 пензионери (9,41%) и над тој износ – 2.704 пензионери кои не партиципираат ниту со еден процент – 0,81%.

    Во октомври во редот на пензионерите стапиле 2.015 лица (мажи 1.346 и жени 669), додека одјавени се 1.202 (949 мажи и 253 жени).

    ПРИМАЊАТА – ОДРАЗ НА ПЛАТИТЕ И ПРИДОНЕСИТЕ

    Барањата на пензионерите и понудата на власта и на опозицијата се една, а реалноста сосема друга работа, тврдат познавачите на оваа проблематика. Пред се, посочуваат дека големината на пензијата зависи од платите и од придонесите остварени во текот на работниот век. Односно, секој треба да го добие она што соодветствува на платеното додека течел активниот стаж.

    Оттаму, пензиите се ниски затоа што за такви плати работеле многумина, а врз таа основа се пресметувани и плаќани обврските кон Фондот за пензиското и инвалидско осигурување. За тоа не се одговорни ниту сегашната ниту идната, ниту која било друга владејачка структура, без оглед на левата или десна ориентација. Нивна одговорност, меѓу другото, се условите за живот, сеедно дали во криза или не.

    Осве тоа, се укажува и на кусокот што редовно е присутен кај ПИОМ, па државата постојано ја пополнува таа празнина, која во континуитет се зголемува.

    Тоа се согледува и од податоците на Министерството за финансии. Во 2019 година буџетското зафаќање за пензиите било во износ од 56,320 милиони денари, односно 913,93 милиони евра. Годинава, заедно со одлуката за зголемување е 77,747 милиони денари/1,26 милијарди евра. За идната 2024 износот е зголемен за 11,5 насто – на 83,634 милиони денари или 1,35 милијарди евра.

    Исто така, дел од стручната јавност која е согласна дека системските решенија се поволна варијанта за надминување на проблемите, укажува на расчекорот во усогласувањето на пензиите. Се лоцира кај стапката на општата инфлација спред која се зголемуваат пензионерските примања, во однос на таа на цените, која е повисока. Затоа и осетно опаѓа стандардот на пензионерите, пред се, на тие со ниски пензии, па принудени се на изборот – или храна или сметки или лекови.

     БАРАЊА ДА, НО УМЕРЕНИ

    Како што власта тврди дека пензионерите не се оставени самите на себе, така и претставниците на опозицијата во своите јавни настапи велат – „грижата кон нив ќе биде на високо ниво“.

    Нормално, според нив, за инфлацијата, за кризата, за штрајковите… е виновна власта.

    „…Состојбата во нашата економија е нешто слично на онаа природна состојба на Исланд во моментов, каде вулканите се подготвуваат за ерупција, пука земјата. А, и кај нас, доколку продолжи ваквата политика, најверојатно ќе дојде до социјален излив чие незадоволство го гледаме во моментов“, рече на партиска трибина професорот од Економскиот факултет, Трајко Славески, кој беше и министер за финансии.

    За да се поправат работите, вели, потребно е да се направи првиот чекор: „да постигнеме еден нов општествен договор во соработка со синдикатите и здруженијата на пензионерите“.

    Тоа подразбира, власта разумно да троши, но посочените да настапуваат со „умерени барања“ во поглед на зголемувањето на платите и пензиите.

    „Власта да се обврзе дека ќе води сметка за секој денар, дека ќе ја сведе корупцијата на нула, дека расходите ќе бидат ефикасни и ефективни, а синдикатите и здруженијата на пензионерите ќе бидат умерени во нивните барања за зголемување на платите и пензиите, затоа што мораме да ја скршиме оваа спирала, борба меѓу платите и цените. Во таа битка помеѓу платите и цените, платите и пензиите се оние што ја губат таа трка и вториот предизвик е како да го умножуваме богатството, како да создаваме поголема вредност, затоа што само на тој начин може да го подобриме животниот стандард и никако поинаку“, порача Славески.

    Пензионерите на први декември ќе ги примат пензиите. За кратко и ќе ги потрошат, а потоа ќе можат да ги слушаат ветувањата и да се надеваат на нивна реализација. И да се прашуваат – ќе можат ли да обезбедат толку колку што ветуваат, или пак ќе не задолжуваат?

    Новинар: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично