ПОВЕЌЕ

    Од денес полесно до работа во Македонија, Србија и Албанија

    Време зa читање: 3 минути

    Мерката слободен пристап до пазарот на трудот е достапна за граѓаните на Македонија, Србија и Албанија, односно на трите држави членки на иницијативата „Отворен Балкан“. Воедно, и потписнички на меѓународните договори за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан; и за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан. Со што на своите жители им ја обезбедија можноста да бараат работен ангажман и да се вработуваат во некоја од тие соседни земји. Со единствена дозвола и под услови кои важат за локалните граѓани.

    До остварување на целта, заинтересираните прво треба ги следат предвидените чекори за регистрација и апликација.

    „Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Северна Македонија, Албанија и Србија најпрво треба да извадат Идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави. Постапката се одвива целосно електронски и трае до 30 дена“, информираат од владината прес-служба..

    Понатаму, откако ќе се најават на uslugi.gov.mk и ќе поднесат барање за издавање Идентификациски број за Отворен Балкан (OB ID), кое веднаш се генерира, со тој број треба да аплицираат за Сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија https://euprava.gov.rs/ или во Албанија https://e-albania.al/.

    Подетални информации за целосната постапка можат да се добијат на следните линкови:

    1. https://uslugi.gov.mk/otvoren-balkan.nspx
    2. https://av.gov.mk/otvoren-balkan-severna-makedonija-srbija-i-albanija-ns_article-izvestuvanje-za-otpocnuvanje-na-uslugata-sloboden-pristap-do-pazar-na-trud.nspx

    „Од моментот на обезбедување пристап на пазарот на труд, во сите следни фази кои подразбираат преговори за работа, вработување и пензиско-здравствено осигурување, правата и обврските на граѓаните и компаниите остануваат неизменети, односно исти како и до сега, во согласност со националните законодавства“, посочуваат од Владата.

    Добиениот ОБ-ИДна  граѓаните им обезбедува непречен двегодишен престој во некоја од трите земји, перод во кој имаат право да најдат работа.

    Инаку, одговорни институции за спроведување на мерката кај нас се Министерството за информатичко општество и администрација преку порталот uslugi.gov.mk во делот на издавање ИД-ОБ, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и центрите на Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Македонија.

    Предвидувањата се дека на овој начин ќе се надмине недостигот од работна сила, пред се во градежништвото, здравството, туризмот и угостителството. Поточно во сите дејности кои бележат масовен одлив на кадар кој егзистенцијата ја бара во развиените западни држави, каде што и платите се значително повисоки. Воедно, синдикатите во Србија веќе изразија стравување дека македонските и албанските би можеле да ја намалат цената на трудот на српските работници.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично