ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНИЈА СО НАЈНИЗОК РАСТ ВО РЕГИОНОТ, ПРОГНОЗИРА ММФ, а кои се проценките за светската економија?

    Време зa читање: 4 минути

    Македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,7 отсто, прогнозира Меѓународниот монетарен фонд во најновиот Светски економски преглед. За наредната година се предвидува раст на БДП од 3,7 отсто, а во 2026 година 3,5 отсто.

    Што се однесува до инфлацијата, како што се наведува во извештајот на ММФ, потрошувачките цени годинава ќе се зголемат за 4 отсто, а во наредните две години ќе дојде до нивно натамошно намалување, прво на 2,5 отсто во 2025 година а потоа на два отсто. Минатата година растот на БДП беше скромен, само еден отсто, а инфлацијата изнесуваше 9,4 отсто.

    Македонија споредбено со регионот бележи најнизок раст, со висок буџетски дефицит и значителен јавен долг. Следејќи го извештајот на Светска банка од минатата недела, ММФ од Вашингтон исто така изрази загриженост за економијата на Македонија.  Дефицитот според ММФ во државната каса преминал 5%, додека обврските за изградба на автопати и зголемените плати на административците создаваат дополнителен притисок врз буџетот.

    Според прогнозата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е дека светската економија ќе продолжи да расте со 3,2 отсто во текот на 2024 и 2025 година, со исто темпо како и во 2023 година. Проекцијата од 3,1 отсто за пет години од сега, за 2029 година, е најниска во последните неколку децении, оцени ММФ на пролетната сесија во Вашингтон.
    За напредните економии, ММФ предвидува мало забрзување на растот од 1,6 отсто во 2023 година на 1,7 отсто во 2024 година и 1,8 отсто во 2025 година.
    Ова, се додава, ќе биде неутрализирано со скромното забавување на пазарите во развој и на растечките економии од 4,3 отсто во 2023 година на 4,2 отсто во 2024 и 2025 година.
    Се предвидува и глобалната инфлација да опаѓа постојано, од 6,8 отсто во 2023 година на 5,9 отсто во 2024 година и 4,5 отсто во 2025 година, при што напредните економии ќе се вратат на своите цели за инфлација порано од пазарите и економиите во развој.
    ММФ нагласува дека глобалната економија е изненадувачки отпорна, и покрај значителното зголемување на каматните стапки од страна на централните банки за да се врати стабилноста на цените. Во извештајот на ММФ се наведува дека американската економија имала извонредни перформанси и дека таа ќе биде главниот двигател на глобалниот раст оваа година, но дека може да го отежне решавањето на американскиот проблем со инфлацијата.
    ММФ ја подобри прогнозата за економскиот раст на САД на 2,7 отсто оваа година, што е за 0,6 процентни поени повеќе отколку што предвиде во јануари. Ова покажува дека американската економија ги надминува другите напредни економии, особено Европа, која се бори од пандемијата, со високи каматни стапки и долготрајни ефекти од претходните зголемувања на трошоците за енергија.
    ММФ очекува 20-те земји кои го користат еврото да пораснат за само 0,8 отсто оваа година, што е пад од 0,1 процентен поен во однос на нивната јануарска прогноза. Исто така, се проценува дека глобалната економија ќе порасне за 3,2 отсто, што е за 0,1 процентен поен повеќе отколку што беше предвидено во јануари.
    Се предвидува дека кинеската економија, втора по големина во светот, ќе порасне за 4,6 отсто, додека Индија се очекува да порасне за 6,8 отсто.

    ММФ очекува просечната глобална инфлација оваа година да биде 5,9 отсто, што е помалку од просечните 6,8 отсто во 2023 година, но 0,1 процентен поен над прогнозата во јануари.

    Загрижувачки е што напредокот кон целите на инфлацијата е малку запрен од почетокот на годината, се додава.

    Објаснето е дека инфлацијата е пригушена од пониските трошоци за енергија и побавниот раст на цените на суровините.

    Но, „тврдоглаво“ високата инфлација на цените на услугите и неодамнешното зголемување на цените на нафтата, делумно поради ескалацијата на тензиите на Блискиот исток, би можеле повторно да ги зголемат вкупните цени, се вели во извештајот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично