ПОВЕЌЕ

    БЕКТЕШИ: Енергетските стратешки цели само преку ЕСМ

    Време зa читање: 6 минути

    Стратешките цели во областа на енергетиката ќе се спроведуваат пред се преку државното претпријатие за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), изјави министерот за економија Крешник Бектеши во поткастот „Каде се парите“ на www.pari.com.mk. Тој кажа дека иако дејноста складирање електрична енергија во батерии е либерализирана, сепак, предност во издавањето на дозволи за поставување на батерии каде што освен државната компанија, електричната енергија ќе може да ја чуваат и приватни компании, ќе биде токму ЕСМ. Бектеши смета дека вака ќе се зачуваат државните стратешки интереси бидејќи со контролата на капацитетите за пренос и за складирање, при некоја наредна криза нема да се загрозат позициите на државата, а со тоа и на граѓаните.

    КРЕШНИК БЕКТЕШИ, МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМИЈА

    Во делот на дејност како батерии, може да се направи ЕСМ. Зошто? Заради тоа што ЕСМ е најголем производител на електрична енергија во државата и ЕСМ има можност да направи балансна група и преку батериите и преку оваа базна енергија што ја произведува. Тоа значи дека ЕСМ може на инвеститор на мала централа од 500 kW, од 1 MW да кажеме, може да ги вклучи во нивната балансна група. Кога ќе се номинира дека ќе се произведува 1 МW, но нема толку сонце и ќе се произведуваат 800 kW, таа можност ја има ЕСМ преку намалување на производството за одреден процент и нема да направи проблем во системот, во мрежата – било тоа да е во дистрибутивната, било во преносната мрежа и секако ние работиме во таа насока. Тоа да го направи ЕСМ.“

    Бектеши во поткастот „Каде се парите“ истакна и дека во тек е ревидирање на сите барања за добивање дозволи за изградба на фотоволтаици. Тој истакна дека во моментов има барање за приклучок само во преносната мрежа од 6.000 МW, додека во дистрибутивната мрежа има барање за приклучок над 4.000 МW. Но, според Енергетската стратегија на МАНУ, до 2040 година од обновливи извори би требало да има инсталирано капацитети до 1.500 МW. Затоа ќе претстои ревидирање на барањата.

    КРЕШНИК БЕКТЕШИ, МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМИЈА

    „Тие што добиле дозвола за приклучок во мрежа тоа е веќе завршена процедура и тие веќе имаат капацитет кој е резервиран за нив согласно податоците што ги има Дистрибуција. Се до овој момент што не е дојдено до фаза за добивање дозвола за градба, треба да се ревидира и првично да се добие согласност од страна на Министерството за економија, од страна на Дистрибуција и од страна на МЕПСО“ изјави Бектеши.

    Тој додаде и дека во моментов, поради големиот наплив на барања за поставување на фотоволтаици за комерцијална употреба, банките го успоруваат финансирањето за инвестирање во оваа област.

    Министерот за економија го повтори и ставот дека од 1 јули нема да има повисока цена на електричната енергија.

    КРЕШНИК БЕКТЕШИ, МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМИЈА

    Можам само да потврдам уште еднаш дека зголемување на постоечката цена на електричната енергија нема да има, иако тоа што вие го кажавте може да се случи во делот во делот на зголемување на ДДВ-то, но секако дека ќе се интервенира во делот на намалување на цената на ЕСМ која ќе ја понуди кон ЕВН Хоум“; истакна Бектеши додавајќи дека поскпувањето ќе се спречи со тоа што државните електрани ќе ја понудат цената за да не дојде до покачување.

    Ова значи дека ако ЕСМ бара 70 евра за мегават час, со што би дошло до покачување на цената, тогаш владата ќе донесе одлука за пониска цена од бараната и таа ќе изнесува толку за да се задржи иста крајната цена за граѓаните. Разликата меѓу тоа што бара ЕСМ и цената на Владата ќе се компензира од државниот буџет.

    Во вториот дел од поткастот со министерот за економија Крешник Бектеши зборувавме за инфлацијата и за тоа како владата и неговотот министерство се справиле со кризата. Тој, повикувајќи се на анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) која беше спроведена по нарачка на министерството, истакна дека граѓаните се задоволни како се справиле со кризата и дека граѓаните имаат позитивно мислење за преземените мерки.

    ИЗВОР: Анкета на НДИ

    Но, на прашањето зошто граѓаните сметаат дека најодговрони за инфлацијата се Владата, енергетската криза и Министерството за економија и дека неговото министерство е второ на листата каде што граѓаните се незадоволни од начинот на справување со инфлацијата, веднаш зад Регулаторната комисија за енергетика и пред ЕСМ, Бектеши сметаше дека овие три институции се негативно високо рангирани затоа што секојдневно биле во јавноста промовирајќи ги мерките.

    ИЗВОР: Анкета на НДИ

    КРЕШНИК БЕКТЕШИ, МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМИЈА

    „Јас сум убеден, излегуваат овие три институции, бидејќи овие три институции во одредени моменти и МЕПСО за речиси две години секојдневно носеле мерки во интерес на граѓаните. И секој граѓанин во РМ кога ќе го прашаш кој менаџира со енергетската криза, кој менаџира со инфлацијата, кој ги носеше мерките, кои се тие што се повеќе посветени како институции, ќе ти излезат овие три институции“, изјави Бектеши во поткастот „Каде се парите“ на www.pari.com.mk.

    Бектеши истакна и дека се заинтересирале како Влада дали Комисијата за заштита на конкуренцијата (Антимонополска комисија) повела постапки против маркети и трговци со зеленчук и прехранбени производи за можно договарање на цените, но дека нема сознанија дали оваа институција постапила бидејќи е под надлежност на Собранието на Македонија.

    Поткастот со министерот за економија Крешник Бектеши се емитуваше на 10.06.2023 година на Јутјуб каналот на Пари.

    Поткастите се емитуваат на секои две недели, во сабота во 22 часот.

    Новинар и водител: Горан Теменугов

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично