ПОВЕЌЕ

    Кредитите сѐ поскапи – Во јануари просечната каматна стапка 5,55 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Се зголемуваат каматите и за кредитите и за депозитите. Во јануари, по годишниот раст од 0,57 процентни поени, просечната стапка на вкупните кредити изнесува 5,55 проценти. Кај депозитите движењето на годишно ниво е за 0,79 процентни поени, по што каматната стапка е 1,72 проценти, покажуваат податоците на Народната банка за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците.

    Месечните промени, пак, се раст од 0,08 процентни поени кај кредитите и намалување од 0,07 процентни поени кај депозитите, при годишен раст од 0,79 п.п. Во тие рамки, за новоодобрените кредити просечната стапка во јануари бележи минимален раст од 0,01 п.п. и изнесува 5,22%, додека на годишна основа е зголемена за 0,17 п.п. А, просечната каматна стапка за новопримените депозити е 2,22%. На месечно ниво е намалена за 0,15 п.п., а годишниот раст е за 0,71 процентен поен.

    За вкупните кредити на корпоративниот сектор во јануари била пресметувана просечна камата од 5,44 проценти. Има месечен раст од 0,11 п.п., а тоа во целост се должи на повисоките каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула. На годишно ниво зголемувањето е од 0,84 п.п.

    Паралелно со тоа, стапката за новите кредити изнесува 5,21 процент и на месечна основа е намалена за 0,09 п.п, што се должи на пониските каматни стапки на девизните, како и на денарските кредити без валутна клаузула. Споредено со истиот месец од 2023 година, каматната стапка во овој сегмент бележи раст од 0,02 процентни поени.

    Минимално месечно зголемување од 0,01 процентен поен има просечната каматна стапка на вкупните депозити, по што се наоѓа на ниво од 2,07 проценти. Годишниот раст е за 0,72 п.п. Стапката, пак, што се однесува на новите депозити има месечено надолно поместување од 0,17 п.п. и изнесува 2,02%. Таквото движење е засновано на намалените каматни стапки на девизните влогови, како и на денарските без валутна клаузула. На годишна основа е евидентиран раст од 1,02 процентни поени.

    И кредитите што ги користат домаќинствата се сѐ поскапи. Во јануари каматната стапка се зголемила за ниски 0,06 п.п. и изнесува 5,65 проценти. Од Народната банка посочуваат дека таа промена се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула. Годишниот раст е 0,31 процентен поен.

    Кај просечната стапка на новоодобрените кредити забележан е месечен раст од 0,24 п.п. и го достигнува нивото од 5,26%, што е резултат на зголемените камати на сите компоненти – денарските кредити без валутна клаузула, девизните кредити и денарските кредити со валутна клаузула. Анализирано на годишно ниво, стапката е повисока за 0,45 процентни поени.

    Во текот на првиот месец од годинава, каматната стапка на вкупните депозити на населението изнесува 1,69% и на месечно ниво е намалена за 0,07 процентни поени. Ова негативно движење е предизвикано од падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на девизните влогови. Во споредба со ланскиот јануари оваа стапка е зголемена за 0,81 процентен поен.

    Поголем е месечниот пад кај каматата што се пресметува за новите депозити – за 0,12 п.п., при што таа изнесува 2,30 проценти, а тоа произлегува од пониските каматни стапки на влоговите во странска валута. На годишна основа стапката остварила раст од 0,59 процентни поени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично