Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека САД ќе ја „преземат“ и „поседуваат“ Газа откако ќе ги населат Палестинците на други места според вонредниот план за обнова за кој тој тврдеше дека може да ја претвори енклавата во „ривиера на Блискиот Исток“.
„САД ќе го заземат Појасот Газа, а ние исто така ќе завршиме работа со него“, рече Трамп. „Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата. Израмнете ја локацијата и ослободете се од уништените згради, израмнете ја, создадете економски развој што ќе обезбеди неограничен број работни места и станови за луѓето од областа, ќе направи вистинска работа, ќе направи нешто поинаку“, изјави Трамп во Белата куќа по разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во шокантната објава со која ја прекина децениската политика на САД кон израелско-палестинскиот конфликт, Трамп во вторникот рече дека неговата администрација ќе го предводи развојот во енклавата за „да обезбеди неограничен број работни места и станови за луѓето од областа“.
Коментарите на Трамп – дадени во текот на денот, прво на церемонијата на потпишување на извршната акција, а подоцна заедно со Нетанјаху во Овалната соба и на заедничката прес-конференција – беа историски момент во историјата на миротворството на САД на Блискиот Исток, пишува Си Ен Ен. „Да се види како американски претседател го одобрува она што би било насилно протерување на Палестинците од нивните домови, во егзодус што ќе ја поништи децениската политика на САД, меѓународното право и основната хуманост, го одзема здивот.
Трамп се надоврза со најимперијалистичкиот рефлекс досега од вториот мандат во кој веќе се закани дека ќе ги анектира Панамскиот канал, Гренланд и Канада. Тој предвидуваше договор за недвижнини со кој ќе ја преземе одговорноста за Газа и ќе организира проект за урбана регенерација за создавање работни места. Тој ја нарече американска „сопственичка позиција“. Подобра фраза би била колонијализам за 21 век“, се вели во коментарот на Си Ен Ен.
Идејата неодоливо потсетува на шемата предложена од зетот инвеститор на Трамп, Џаред Кушнер, минатата година, со која беше замислено да се преселат Палестинците од Газа и таа територија да се „исчисти“ за да се развие „многу вредниот“ медитерански брег на територијата.
„Гледам долгорочна сопственичка позиција и гледам дека може да донесе голема стабилност на тој дел од Блискиот исток, а можеби и на целиот Блиски Исток“, им рече Трамп на новинарите во Источната соба на Белата куќа. Тој подоцна рече: „Ова не беше одлука донесена лесно. На сите со кои сум разговарал им се допаѓа идејата Соединетите Држави да го поседуваат тоа парче земја, да развиваат и отвораат илјадници работни места со нешто што ќе биде прекрасно“.
Ќе има многу во регионот кои ќе се спротивстават на планот на Трамп, и покрај неговото тврдење дека сите негови соговорници го сакаат. Египет и Јордан веќе ја отфрлија идејата за прифаќање дополнителни палестински бегалци, претпазливи за дестабилизација и стравувајќи дека никогаш нема да им биде дозволено да се вратат дома.
Трамп посочи дека тоа е токму она што го замислил: иднина во Газа која во голема мера не ги вклучува Палестинците.
Хамас, палестинската група која управува со Газа, брзо го осуди предлогот како „рецепт за создавање хаос и тензии во регионот“. „Нашите луѓе во Појасот Газа нема да дозволат овие планови да поминат“, се вели во соопштението на групата.
„Она што се бара е крај на окупацијата и агресијата врз нашиот народ, а не неговото протерување од неговата земја. Нашите луѓе во Газа ги спречија плановите за раселување и депортација под бомбардирање повеќе од 15 месеци“.
Неочекуваниот предлог на Трамп фрли неизвесност околу следната рунда преговори за продолжување на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Првичното примирје од 42 дена, со кое ќе бидат ослободени 33 израелски заробеници и речиси 2.000 палестински затвореници, истекува на 1 март.
Претходно во вторникот, портпарол на Хамас рече дека преговорите за втората фаза од прекинот на огнот започнале. Доколку се согласи, таа фаза ќе доведе до целосно повлекување на израелските трупи од Газа и ослободување на сите заробеници.
Трамп фрли сомнеж во силата на договорот и веројатноста тој да трае.