ПОВЕЌЕ

    Јавните набавки во 2022: Без конкуренција договорени 427 милиони евра, без објавен оглас – 31 милион евра

    Време зa читање: 3 минути

    Во постапка со учество на само една фирма направени се 9.305 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милијарди денари или 427 милиони евра. Тоа значи дека во текот на минатата година на тој начин е постигнат секој трет договор, покажува последниот Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, изработен од  Центарот за граѓански комуникации. Тука се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството во постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

    Клучните наоди од истражувањето покажуваат дека во овој сегмент има појава на намалена конкуренција во споредба со состојбите од 2021 година. Или, се работи во просек за три понуди по тендер.

    Воедно, забележано е и отстапување од роковите. Од мониторираните тендери, дури 90 отсто се спроведени подоцна од терминот предвиден во плановите за јавни набавки. И тоа, со пролонгирање од еден до осум месеци. Освен тоа, поништени биле 31 процент од постапките за јавни набавки. Високиот процент ја доведува во прашање објективноста и законитоста во донесувањето на одлуките.

    Договори вредни 31 милион евра се склучени преку нетранспарентни постапки. Односно, со преговори без претходно објавен оглас. Две третини од овој износ потекнуваат од договорите што направени на ваков начин од АД Електрани. Сепак, се посочува вo Извештајот на ЦГК, во однос на претходната 2021 година, има намалување од 30 отсто кај реализацијата без јавен оглас.

    Притоа, забележан е и пад кај бројот на поднесените жалби од страна на фирмите. До Државната комисија за жалби по јавните набавки доставена била 751 жалба, што споредено со годината пред тоа, е за 34 проценти помалку.

    Понатаму, наведено е дека за 63 отсто од фирмите најниската цена како критериум за избор е најчестиот проблем со кој се соочуваат во јавните набавки. А, пак, 93 проценти од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот.

    Одговорите дадени во спроведената анкета на ЦГК покажуваат дека 54 проценти од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите. Дека има корупција во јавните набавки веруваат 46 отсто од фирмите. Притоа, 18 проценти од нив потврдиле дека имале лично искуство од аспект на тендерите и корупцијата.

    Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично