Проектот „брза пруга“ според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, постепено влегува во понапредна фаза на реализација. Премиерот денес соопшти дека Владата веќе располага со „необврзувачка индикативна понуда од потенцијален понудувач“ на повикот за финансиери на овој стратешки проект. Според него, станува збор за важен чекор напред во процесот, кој досега главно се одвиваше на ниво на студии и подготовки.
„Продолжуваме со реализација на проектот Брза пруга Коридор 10, физибилити студијата е веќе при крај. Студијата за влијание врз животната средина е исто така при крај. Има, се разбира, законско времетраење коешто е определено од 270 дена. Очекувам дека некаде летово, јуни, јули комплетно ќе ги затвориме тие прашања, затоа што потребана е и ревизија на тие студии. И откако сето тоа ќе биде завршено, ќе влеземе во процес на потпишување договор за потенцијален финансиер на тој проект. Иако веќе Министерството за финансии уште во минатото, објави и меѓународен повик. Имаме не обврзувачки индикативна понуда, од потенцијален најдобар понудувач, треба се разбира, да ги потврдат условите што тогаш ги дадоа. И ако биде сѐ како што треба, очекувам веќе почетокот на следната година да отпочне реализацијата на овој проект.
Исто така и Коридорот 8 продолжува да се реализира. Во тек е секција од делницата Куманово – Граничен премин Бугарија. Се проби последниот тунел од втората секција, првата до Бељаковце е веќе пуштена. И се разбира веќе преговараме со Европската комисија и парите се веќе обезбедени во рамките на „Планот за раст“, за модернизација на пругата од Скопје до Кичево, односно нејзина електрификација и промена на шините.
Така што со несмалена динамика се реализира овој проект. Јас очекувам комплетно да биде заокружен од Кичево, практично до граница со Бугарија, најдоцна до 2029-2030 година, истакна Мицкоски
Аналитика








