ПОВЕЌЕ

    ДОЛГОВИ, РУИНИ И СУДСКИ СПОРОВИ – ЕЛЕМ Турс е симбол на распад

    Време зa читање: 3 минути

    Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕЛЕМ Турс ДООЕЛ Скопје со години тоне во загуби, а обидите за спас преку реорганизација и поддршка од матичната компанија АД ЕСМ не дадоа резултат. Според најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, фирмата од своето основање во 2012 година досега има акумулирано загуба од 1,2 милијарди денари (19,4 милиони евра), што претставува 92 проценти од основната главнина.

    Иако во 2023 година е забележана најмала загуба во последните шест години, тоа се должи не на подобрено работење, туку на намалена активност поради поделбата на друштвото на две нови фирми: ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола и Ски центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово. Но и тој процес, укажуваат ревизорите, бил спроведен со слабости. Недвижниот имот бил префрлен, но движните работи во вредност од 190.735 евра останале без проценка од овластен проценител, а нееднаквата прераспределба на вработените предизвикала судски спорови.

    Импровизација наместо менаџмент

    ЕЛЕМ Турс е нефункционална туристичка структура што со години функционира благодарение на преземање долгови од страна на основачот – АД ЕСМ. Само во 2023 година, државната енергетска компанија презела долг во износ од 2,9 милиони евра, со што вкупните обврски на ЕЛЕМ Турс кон ЕСМ достигнале 4,3 милиони евра.

    Дополнителна спорна пракса е ангажманот на надворешна фирма за аутсорсинг услуги во вредност од 324.000 евра, со договор склучен во 2022 година, но со ретроактивно важност од два месеца. Иако договорот бил ограничен до крајот на таа година, тој продолжил и во 2023 година, при што биле исплатени вкупно 553.691 евро70 отсто над вредноста на договорот.

    Ревизорите оценуваат дека нема оправдување за ангажман на надворешни извршители, особено ако се земе предвид дека Подружницата Попова Шапка во тој период остварила ниски приходи. Исто така, капиталот на друштвото – во градежни објекти и опрема од 4,6 милиони евра – не е осигуран, што го изложува на ризици од пожар, кражби и други штети.

    Хотели без струја, без услови, без гости

    Сметувачките капацитети на друштвото се во драматична состојба. Освен Хотел „Молика“ во Битола, останатите објекти – „Попова Шапка“ и „Славија“ во Тетово, „Свети Стефан“ во Охрид, „Маврово“ во Маврови Анови и автокампот „Ливадиште“ во Струга – не ги задоволуваат ниту основните технички услови за сместување. Во „Свети Стефан“ дури нема струја, а во „Ливадиште“ сè уште трае реновирањето.

    И покрај очигледната запуштеност, ЕЛЕМ Турс и натаму функционира во рамки на државниот систем, со неодржливи навики. Единствен проект со кој друштвото остварува приход е Ладен оброк“ за вработените во РЕК Битола, имплементиран од 2018 година. Само во првите два месеци од 2023 година, од тој основ се остварени над 178,8 илјади евра приходи, што претставува 36% од вкупните приходи на фирмата. Но и тука има проблем – набавките биле спроведувани без тендер, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

    Финансиски хаос со институционално одобрување

    Ревизорите утврдуваат и дополнителни нерегуларности: непоткрепени исплати, погрешно евидентирање, и неусогласености што го нарушуваат интегритетот на финансиските извештаи за 2023 година. Поради тоа, Државниот завод за ревизија изрази мислење со резерва за реалноста на извештаите и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.

    Потребна е итна и суштинска интервенција, заклучуваат ревизорите – од анализа на состојбите, преку осигурување на имотот, до стратешко реструктуирање и привлекување инвестиции. Инаку, ЕЛЕМ Турс ризикува да остане уште една државна фирма што постои само на хартија – со објекти без гости, договори без контрола и долгови што ги покриваат граѓаните.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично