
Компанијата што со децении беше симбол на германската индустриска моќ денес се соочува со најголемиот предизвик во своето речиси 90-годишно постоење. „Фолксваген“ подготвува драматична реконструкција која, според информациите од германскиот „Manager Magazin“ и агенцијата „Ројтерс“, би можела да резултира со укинување на до 100.000 работни места, затворање на четири фабрики во Германија и целосно редизајнирање на структурата на автомобилскиот гигант. Доколку планот биде одобрен, тоа ќе биде најголемото реструктурирање во историјата на компанијата.
Според извештаите, извршниот директор Оливер Блуме веќе ги претставил плановите пред највисокото раководство, а за нив треба да расправа и Надзорниот одбор на состанокот закажан за 9 јули. Иако „Фолксваген“ официјално одбива да ги коментира доверливите документи, од компанијата признаваат дека целата групација мора да помине низ далекусежни промени.
Новиот план предвидува бројот на отпуштања да достигне до 100.000 вработени од вкупно повеќе од 660.000 колку што работат во групацијата ширум светот. Тоа е двојно повеќе од програмата договорена со синдикатите кон крајот на 2024 година, кога беше предвидено до 2030 година да се укинат околу 50.000 работни места.
Паралелно со тоа, компанијата размислува и за затворање на четири производствени погони во Германија. Според информациите, производството постепено би било запрено во фабриките на „Фолксваген“ во Хановер, Цвикау и Емден, како и во фабриката на „Ауди“ во Некарсулм. Со тоа директно би биле загрозени повеќе од 45.000 работни места. Планот предвидува производството да престане кога актуелните модели ќе го завршат својот животен циклус, без да бидат заменети со нови.
Реализацијата, сепак, нема да биде едноставна. „Фолксваген“ има договор со синдикатите кој гарантира безбедност на работните места до крајот на 2030 година, додека кај „Ауди“ таквата заштита важи до 2033 година. Работничкиот совет и моќниот германски синдикат IG Metall веќе порачаа дека ќе се спротивстават на секој обид за затворање фабрики и масовни отпуштања.
Но, кратењето на трошоците е само дел од поширокиот план. Според информациите, раководството сака основниот бренд „Фолксваген“ и бизнисот со автомобилски компоненти да ги издвои во посебни компании. Таквата промена би ѝ овозможила на групацијата во иднина полесно да привлекува капитал или поединечни бизниси да ги листира на берза. Истовремено, се планира и намалување на инвестициите за околу 15 проценти во следните пет години, на нешто повеќе од 130 милијарди евра.
Причината за ваквите радикални потези лежи во сè посилниот притисок врз германскиот производител. Во првиот квартал од годинава нето-добивката на групацијата се намали за 28 проценти и изнесуваше 1,56 милијарди евра, додека приходите паднаа за два проценти, на 75,7 милијарди евра. Главниот финансиски директор Арно Антлиц тогаш предупреди дека досегашните мерки за намалување на трошоците повеќе не се доволни и дека без подлабоки промени иднината на компанијата би можела да биде доведена во прашање.
Дополнителен товар претставуваат и американските царини, кои, според проценките на компанијата, создаваат околу четири милијарди евра дополнителни годишни трошоци. Во исто време, „Фолксваген“ сè повеќе ја губи битката и на својот најважен пазар – Кина. Откако со години беше лидер по продажба, во 2024 година беше престигнат од BYD, а во 2025 година падна и зад Geely. Само во првиот квартал од годинава продажбата на групацијата во Кина се намали за околу 20 проценти, додека кинеските производители агресивно го освојуваат и европскиот пазар.
Комбинацијата од скапата транзиција кон електрични возила, растечката конкуренција од Кина, американските царини и слабеењето на профитабилноста го принудува „Фолксваген“ да размислува за потези кои до неодамна беа незамисливи. Дали најголемиот европски производител на автомобили навистина ќе ја спроведе најрадикалната реорганизација во својата историја ќе стане појасно по седницата на Надзорниот одбор на 9 јули, кога ќе започне една од најважните битки за иднината на германскиот автомобилски гигант.
Аналитика








