ПОВЕЌЕ

    За граѓаните брзи кредити – за финансиските друштва брз раст на приходите

    Време зa читање: 6 минути

    Финансиските друштва во земјава кои одобруваат „брзи кредити“ за граѓаните – регистрираат и брз раст на приходите. Податоците покажуваат дека минатата година голем дел од овие компании  регистрираат високи стапки на раст на приходите, а кај дел растат и добивките.  Дека пазарот за оваа индустрија станува се поинтересен покажува и податокот што само минатата година се отвориле нови шест компании од овој сектор.  Иако, бројките покажуваат дека минатата година во оваа индустрија се свртеле 20 милиони евра – каква ќе биде оваа година и какви ќе бидат ефектите од корона кризата која веќе ја чувствуваат и граѓанте и фирмите – дополнително ќе се оценува.  

                Највисокиот  приход што минатата година го генерирале финансиските друштва во земјава бил на ниво од 5 милиони и 400 илјади евра а кај дел од финансиските друштва приходите на годишно ниво растеле со стапки од 100 до нешто повеќе од 500%.  

                Со увид во податоците за финансиското работење на 24 финансиски друштва во земјава „Таргет Груп“ ќе ги рангира оние со најголеми приходи и профити кои главно се формирани во изминатиот петгодишен период, како составен дел од финансискиот систем. Нивниот таргет е микрофинансирање, односно се познати по концептот на „брзо доделување на микро кредити“, кои стануваат актуелни, особено кај населението.

    Најголеми приходи остварува ТИГО ФАЈНАНС

    Финансиското друштво ТИГО ФАЈНАНС  минатата година има најголеми приходи од останатите 24 финансиски друштва колку што ги има во земјава.  Компанијата лани имала приходи од 5 милиони и 400 илјади евра и добивка од 680 илјади евра. Во 2019 година во однос на 2018 година приходите на ова друштво се зголемиле за 543,68%.

    На второ место според остварените приходи е финансиско друштво ИУТЕ КРЕДИТ МАКЕДОНИЈА  со прикажан

    приход во износ од 5 милиони евра. Формирано на 25 јули 2017 година со шест подружници бележи значаен пораст на приходите кои од 85 000 евра во 2017 година се зголемуваат на 2,1 милион евра во 2018 година. Во 2019 година во однос на 2018 година растот на приходите изнесува 138,88%.

    Следно на листата со најголеми приходи е финансиско друштво ДИЏИТАЛ ФАЈНАНС  ИНТЕРНЕШНАЛ каде лани се направени приходи од 2 милиони евра. Во 2019 година во однос на 2018 година приходите се зголемиле за 132,02% а овој растечки тренд на приходите е регистриран и во 2018 година во која во однос на 2017 година растот изнесува 62,38%.

    На четврто место, со вкупен приход од 1 милион и 970 илјади евра, е финансиското  друштво КРЕДИСИМО. Ова финансиско друштво лани во споредба со 2018 година генерира раст на приходите за 50,04%  а во 2018 година во однос на 2017 година растот е 76,53%. Ова финансиско друштво се вбројува и во водечките пет според висината на остварената добивка во 2019 година.

    Со приход од 1 милион и 900 илјади евра во 2019 година, на петто место, е финансиското друштво СН ФИНАНСИИ. Изминатите  години ова битолско финансиско друштво прикажува тренд на пораст на приходите, кои во 2018 година во однос на 2017 година се зголемени за 427,27 % а во 2019 година во однос на 2018 година растот е 62,74%. И ова финансиско друштво е во петте според висината на остварената добивка во 2019 година.

    На шесто место со приход од 1 милион и 600 илјади евра, лани, е финансиското друштво М КЕШ Македонија. Ова финансиско друштво од 2017 година постојано прикажува раст на приходите, па така во 2018 година во однос на 2017 година се зголемени за 27,43%  а веќе во 2019 година во однос на 2018 та растот е 75,59%.

    На седмо место е финансиско друштво ФИНАНСИСКИ КРЕДИТЕН ЦЕНТАР БС  со генериран приход во 2019 година во износ од 1 милион и 130 илјади евра, при што во 2019 година во однос на 2018 година регистриран е пораст од 62,91% додека во 2018 година во однос на 2017 година, приходите биле со пад од 1, 64%.

    Со приход од 700.200 евра, битолското финансиско друштво ДП е на осмо место а воедно котира и во петте финансиски друштва според висината на добивката во 2019 година. Но, лани во споредба со 2018 година ова финансиско друштво прикажало пад на приходите 15,02% додека во 2018 година во споредба со 2017 година растот изнесувал фантастични 1 700, 52%.

    На деветто место со остварен приход во 2019 година од 471.000 евра е уште едно битолско финансиско друштво – ПЕЛИСТЕР  кое генерира континуиран раст на приходите, при што во 2018 година во однос на 2017 година тој раст бил 82,34%  а во 2019 година во однос на 2018 година изнесува 33,53%.

    Со приход од 346.000 евра на десетто место е финансиско друштво ПЕОН.  Во 2018 година во споредба со 2017 година ова финансиско друштво прикажува пад на приходите за 3,35% додека во 2019 година во однос на 2018 година растот е 2,17%.

    Приходите растат со  високи стапки

    Според податоците на „Таргет Груп“ во 2019 година споредено со 2018 година највисока стапка на раст на приходите има ТИГО ФАЈНАНС  со раст на приходите од 543,68%, потоа следува БАВАГ  каде има раст о0д 267,17%.  Финансиско друштво ИУТЕ КРЕДИТ МАКЕДОНИЈА  регистрира раст од 138,88% , додека ДИЏИТАЛ ФАЈНАНС ИНТЕРНЕШНАЛ има раст на приходите од 132,02%.  Сепак, анализата покажува и дека дел од финансиските друштва кои прикажуваат високи проценти на раст на приходот, според  апсолутен износ на истиот приходот, не се вбројуваат во првите десет.

    Финансиското друштво МАККОМ ЗАЛОЗИ  има стапка на раст од 1 759,62% но оваа компанија со бугарски капитал е основана во септемрви 2018 година, со што очекувано е дека веќе во 2019 ќе се прикаже висока стапка на раст на приходите, со оглед  дека во 2018 постоела само три месеци.

       

    Во следното продолжение на оваа тема, „Таргет Груп“ ќе ги рангира финансиските друштва според прикажаните добивки, бројот на вработени и податоци за сопственичката структура.

    Анализа на податоците: Таргет Груп

    Изработил А.Д

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично