ПОВЕЌЕ

    Бајден ќе го запре гасоводот ,,Северен тек 2″ ако Русија ја нападне Украина

    Време зa читање: 2 минути

    Американскиот претседател Џо Бајден изјави во понеделникот дека гасоводот „Северен тек 2“ ќе биде запрен доколку Русија ја нападне Украина и го истакна единството со германскиот канцелар Олаф Шолц додека Западот се собира за да избегне војна во Европа.

    По состанокот со Шолц во Вашингтон во понеделникот, Бајден рече дека руските сили кои ќе преминат во Украина ќе предизвикаат затворање на деценискиот проект на гасоводот од Русија до Германија, објави Ројтерс.

    „Ако Русија изврши инвазија, тоа значи дека тенкови или војници повторно ќе ја преминат границата со Украина, тогаш повеќе нема да има Северен тек 2. Ќе ставиме крај на тоа“, изјави Бајден.

    Шолц рече дека САД и Германија имаат ист пристап кон Украина, Русија и санкциите, но не ги потврди директно плановите за Северен тек 2.

    Дали САД и Германија се на иста страна во врска со проектот вреден 11 милијарди долари, стана клучно прашање бидејќи двете главни демократии ги водат сојузниците на НАТО во возвраќање против рускиот претседател Владимир Путин.

    Русија собрала околу 100.000 војници во близина на границата со Украина. Таа негира дека планира инвазија, но американските власти велат дека нападот може да се случи во рок од неколку дена или недели.

    Шолц им рече на новинарите дека Русија ќе плати многу висока цена ако ја нападне Украина.

    „Ќе бидеме обединети. Ќе дејствуваме заедно. И ќе ги преземеме сите неопходни чекори“, вели Шолц.

    Бајден и Шолц истакнаа дека ја претпочитаат дипломатијата како решение.

    Во понеделникот во Москва, францускиот претседател Емануел Макрон одржа повеќе од пет часа разговори за време на вечерата со Владимир Путин, велејќи му на рускиот претседател дека сака да избегне војна и да изгради доверба.

    Путин рече дека разговорите биле корисни.

    „Претседателот претпочита да дојде во Русија за да сподели мислења за тоа што треба да правиме понатаму. И некои од неговите идеи и предлози, за кои мислам дека е премногу рано да се зборува, но мислам дека овие идеи би можеле да бидат основа за нашите понатамошни заеднички чекори“, посочи Путин.

    Двајцата треба повторно да зборуваат по посетата на Макрон на Украина оваа недела.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично