ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: Стануваат се помоќни и веќе тежат 81 милион евра. Каде беа, а каде се сега финансиските друштва за брзи кредити!?

    Време зa читање: 6 минути

    Прва Национална стратегија за финтек-услуги ќе се донесе идната година. Во фокусот ќе биде отстранување на евентуални регулаторни пречки за поттикнување на финансиски иновации, обезбедување соодветна заштита за потрошувачите и разгледување на можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија за безбедно контролиран простор. Ова во интервјуто што ексклузивно го даде за Пари, го обелодени гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

    – Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации. Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-услуги, којашто е планирано да се донесе на почетокот на идната година, истакна Ангеловска-Бежоска.

    Во анкетата што Народната банка ја спроведе минатата година на 220 испитаници (банки, компании што нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање, инкубатори, акцелератори, регулатори и државните институции), близу 90% сметаат дека финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата.

    Бројките покажуваат дека Финтек сектор е во постојан пораст со што се наметна и потребата од подобро регулирање на овој пазар. Главната причина за брзиот пробив на Финтек беше и сѐ уште е нееднаквиот пристап до финансии за посиромашните слоеви од населението и малите фирми. Финтек го затвори овој јаз, односно овозможи достапност до финансиски услуги на домаќинствата со низок доход и на микро и малите фирми, како и на оние фирми кои што се во рана фаза на развој. Основната причина за прифаќање на Финтек почетокот беше лесната достапност да се отвори сметка, а според послените анкети тоа се и пониските провизии и камати на финансиските услуги и производи, како и различните иновативни решенија.

    Исто така, битно е да се напомене дека за разлика од банките овие друштва не се финансираат од депозити, туку од сопствени средства.

    Еве како растеа бројките низ годините кај овие финансиски друштва според податоците на Асоцијацијата на финансиски друштва (АФД):

    • Бројот на финансиски друштва гледано историски од 2015 година се зголеми за 3 пати. Oд 10 регистрирани финансиски друштва во 2015 година до 32 финансиски друштва во 2021 година.

    • Растот на бројот на финансиски друштва беше проследен и со раст на вкупните средства на небанкарските финаниски друштва чиишто средства кумулативно се зголемија за 4,7 пати за истиот период.

    • Така на крајот 2020 година вкупните средства на финансиските друштва изнесуваат околу 5 милијарди денари или 81 милион евра.

    Кредитите одобрени на населението од страна на небанкарските финансиски друштва на крајот на 2020 година изнесуваат околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари.

    • Бројот на физички лица корисници на кредити од финансиските друштва значајно се зголеми од 14.400 во 2015г. на околу 100.000 лица во 2019г ,а бројот на клиенти правни лица се зголеми на 686 во истиот период.

    • Ваквите трендови продолжија и во 2020 година, односно кредитирањето на физичите лица од страна на небанкарските финансиски друштва забележа годишен раст од 24%.

    Според неодамнешната анализа на Pari.com.mk во соработка со БизнисМрежа.мк најуспешните седум финансиски друштва кои нудат брзи кредити преку интернет се Иуте Кредит, Тиго фајнанс, Кредисимо, Диџитал фајнанс, М Кеш Македонија, Кредитен центар БС, СН Финансии. Овие компании минатата година оствариле вкупен приход од 23 милиони евра. Од нив, комплетно технолошки во обезбедување брзи кредити преку интернет, без вработени функционира само Кредисимо.

    Иако секторот е во постојан пораст, сенка фрла се почестата злоупотреба на личните податоци на граѓани изманипулирани и искористени без да знаат кога во нивно име ќе се подигне брз кеш кредит. Од Асоцијацијата на финансиски друштва велат дека во делот на регулативата секако има простор за подобрување и подигнување на нивото на заштита.

    – Но, паралелно мора да се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните за значењето и последиците од непреземање на мерки за заштита. Истражувањето што неодамна (во 2019 година) го спроведе Асоцијацијата на финансиски друштва укажа на ниска финансиска писменост на нашето население и посебно немање на свест во поголем дел за потребата од преземање на заштита на личните податоци, кориснички профили, лозинки и сл. Како Асоцијација на финансикси друштва, ние посебен акцент ставаме на заштита на личните податоци со низа активности и проекти кои ги преземавме на ова поле. Во таа смисла остваривме соработка и со неодамна основаното Здружение за заштита на лични податоци, во постапка сме за потпишување на Меморандум за Соработка, од кој ќе произлезат проекти со кои што сакаме да помогнеме на клиентите на финансиските друштва, а и општо на населението во подигнивање на нивото на заштита и едукацијата за заштита на личните податоци. Ние како Асоцијација во односите со регулаторот и надлежните институции, постојано алудираме на потребата од заокружување на регулативата потребна за функционирање на овој сектор, на пример една од новините за кои се залагаме е воведување на целосен дигитален идентитет и поврзување на сите расположливи бази на податоци во земјата. Сепак има уште многу работа во оваа област за постигнување на тоа ниво, велат од АФД.

    Сепак, што се случува кога некој е измамен дали сепак тој си го плака кредитот иако не го подигнал?

    -Измамата е правен институт кој во зависност од околностите на случајот треба да се докажува во судска постапка. Па така и измамата во делот на потрошувачките кредити би била предмет на докажување во соодветна постапка, велат од АФД.

    Суштината на небанкарските финансиски друштва, е да ги пресретне краткорочните финансиски потреби на граѓаните за финансиски услуги на брз, ефикасен и едноставен начин, со примена на напредна и иновативна технологија на сите канали кои потрошувачите ги преферираат, со акцент на дигиталните канали. Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање, брзо да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена.

    Краткорочните кредити инаку, најчесто се користат за покривање неочекувани трошоци, здравствени, образовни, за поправки во домот и слично. Иако услугата е лесна и поволна, треба да се користи одговорно и разумно. Пред подигање на краткорочен кредит, треба да се процени вистинската потреба за овие средства и можноста да се исплати на навреме. Истовремено, се препорачува секој кој одлучил да подигне краткорочен кредит, да се осигура дека му одговара поставената камата, дека внимателно ги проучил условите на договорот и дека води сметка за својот буџет за навреме да го исплати кредитот.

    Глобалните инвестиции во Финтек започнаа од 2013 година, но последните неколку години имаа значаен скок. Во 2018 година изнесуваа 146 милијарди долари, во 2019 година 168 милијарди долари, а продолжија и во 2020 година и изнесуваа 105 милијарди долари . Пред кризата, растеше и процентот на популација којашто го прифаќа Финтек и тоа од 16% во 2015 година на 64% во 2019 година. Во Кина и Индија постои најголемо прифаќање (87%); Русија и Јужна Африка (82%); Холандија (73%); Велика Британија (71%); Германија (64%); САД (46%).

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично