ПОВЕЌЕ

    КАКО СЕ ПОЗИЦИОНИРАНИ ПЛАТИТЕ НА НАШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ВО ОДНОС НА РЕГИОНОТ и колку ќе им се зголемат?

    Време зa читање: 5 минути

    Веста дека првите луѓе во државата ќе можат да имаат зголемување на платите и до 78 проценти ја вжешти јавноста. Народот на социјалните мрежи масовно негодува, а Сојузот на синдикати пресмета дека со новото зголемување на платите на функционерите, тие со една плата ќе можат да купат три синдикални кошници, а за една синдикална кошница, пак, не се доволни две минимални плати. Од Владата смируваат дека вакво зголемување на платите нема да има, иако ќе се почитува Одлуката на Уставниот суд, според која важат нови параметри во пресметката.

    Порталот Пари, од јавно достапните информации објавени во медиумите од регионот, се обиде да направи слика какви се платите на претседателите, премиерите и министрите во околните земји. Секако, тие мора да имаат плати во корелација со платите на работниците, односно со платите на останатите граѓани во својата земја. За жал, македонските граѓани се на дното по стандардот… Но, еве, колку за илустрација, до какви податоци дојдовме за платите на функционерите во регионот.

    МАКЕДОНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ СО НАЈНИСКА ПЛАТА

    Сегашната плата на претседателот Стево Пендаровски е 93.000 денари (1.512 евра), а со новото покачување, што треба да следи со укинување на една одредба од Уставниот суд, платата на Пендаровски треба да биде во нето-износ 163.000 денари (2.650 евра). Зголемување на плата од оваа година има и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со тоа зголемување таа изнесува 199.126 динари, или 1.700 евра. Највисока плата во овој дел од Европа има претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, чии примања се 3.322 евра месечно. Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, за функцијата што ја извршува е платен 3.000 евра. Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, на своите позиции заработуваат по 2.922 евра месечно. Во однос на платата, веднаш зад нив е досегашниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, чија плата од 2.420 евра треба да ја наследи и новиот победник на изборите, Јаков Милатовиќ.

    Актуелни плати на претседатели на држави

    ДржаваПлата на претседател во евра
    Македонијa 1.512
    Србија 1.700
    Црна Гора2.420
    Босна и Херцеговина2.922
    Хрватска3.000
    Словенија3.322

    Независно од тоа што македонскиот претседател Стево Пендаровски сега има најмала плата од сите свои колеги во анализираниот регион, тој изрази негодување за растот на платата, која ќе треба да биде многу поголема од актуелнава.

    ‒ Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите што се исплаќаат од државниот буџет – изјави Пендаровски.

    КОВАЧЕВСКИ И СЕГА Е СО ПОДОБРА ПЛАТА ОД БРНАБИЌ

    Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со минатиот труд, сега зема нето-плата од 88.260 денари (1.400 евра). Актуелните плати на нашите министри (зависно од стажот) се од 65.989 денари на министерот за животна средина, Насер Нуредини, до 86.324 денари на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во која е вклучен додаток за извршување на функцијата.

    Според пресметката на Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), со оваа одлука на Уставниот суд, платите на Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се зголемат на околу 2.500 евра, додека, пак, платата на министрите, која сега изнесува околу 65.000 денари, ќе скокне за дополнителни 50 илјади денари па ќе им стигне до 1.800 евра. Зголемување ќе добијат и пратениците, кои на сегашната плата од околу 60.000 денари ќе добијат плус 700 евра месечно и нето-платата ќе им биде повисока од 1.700 евра. Близу 80 отсто повисока плата ќе добијат и сите заменици-министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

    Што се однесува до платите на министри и премиери во регионот, еве некои податоци кои ги објавиле тамошните медиуми.

    Во Србија, премерката Ана Брнабиќ зема плата нешто повеќе од 145.000 динари (1.200 евра), додека министрите земаат плата од 1.000 евра до 1.900 евра.

    Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ зема месечна нето-плата од 2.850 евра, а министрите земаат околу 2.350 евра.

    За Црна Гора, пребарувањето јавно ни ја прикажа платата на министерот за финансии и таа е во нето-износ од 1.800 евра, а за другите министри и за премиерот не најдовме податоци.

    Во Босна и Херцеговина, пак, деновиве е актуелна темата за усвоено зголемување на платите на сите вработени во државните институции, но и на функционерите. Но, дел од тамошните министри се одрекоа од зголемувањето на платите. Сепак, во бројните текстови во кои се пишуваше за овие новости, не се наведени платите на министрите.

    КАКО СЕ ДОЈДЕ ДО ОГРОМНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ?

    Според Одлуката на Уставен суд (113/2022 од 21 март годинава) се укинаа член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014) со кои, всушност, во изминатите години се одредувал фиксен износ кој служел како основа за определување на платите на функционерите. Сега, останува во сила член 11 од истиот закон, според кој како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, а којашто е значително повисока од фиксниот износ. Имено, фиксниот износ кој досега се применувал за пресметката бил 26.773 денари, додека ланската просечна плата била 32.000 денари.

    Инаку, иницијативата за оценка на уставноста на законите каде што една материја се регулирала со две различни одредби ја поднесе Бојан Стојевски, адвокат од Скопје.

    ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ?

    Според сегашните најави од Владата, Одлуката на Уставниот суд мора да се почитува, но за да не дојде до енормно зголемување на платите на претседателот, премиерот, собранискиот спикер, и министрите, ќе се намали коефициентот за пресметка на платите.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично