ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКАТА ИНФОРМАТИВНА АГЕНЦИЈА лани ги чинела граѓаните речиси 900.000 евра

    Време зa читање: 5 минути

    Државните информативни агенции по дефиниција претставуваат национален сервис за собирање, обработка и дистрибуција на вести, кои треба да им обезбедуваат информации на медиумите, институциите и јавноста. Во светот се широко распространети, а првата вест преку Македонската информативна агенција (МИА) беше објавена на 30 септември 1998 година.

    „Пари“ анализира колку емитувањето на вестите преку државната агенција ги чини граѓаните.

    Како и секој правен субјект, така и МИА има своја сметка, а на нејзината сметка на крајот од минатата година е прокнижен минус од 45,6 илјади евра. Во 2024 година, пак, минусот бил многу поголем и изнесувал 237,5 илјади евра.

    Покрај средствата од државата, Агенцијата има и сопствени приходи. Медиумите плаќаат за да ги користат вестите и фотографиите од Агенцијата, но таа објавува и реклами.

    Сепак, приходите од субвенции се 3,1 пат поголеми од приходите од услуги – покажуваат податоците застапени во извештајот направен од независен ревизор, користени во анализата на „Пари“. Од вкупниот износ од 1,21 милион евра, 74,2 насто се субвенции.

    Субвенции од 897,6 илјади евра добила МИА во 2025 година. Тоа се 165,9 илјади евра или 22,7 насто повеќе отколку една година порано. За над една четвртина се зголемени и приливите од новинарските услуги – достигнале 288,9 илјади евра, наспроти 228,3 илјади евра во 2024 година. Тоа претставува зголемување од 26,5 насто. Притоа, најголемиот дел од продажбата на услуги, 282,7 илјади евра, е остварен на домашниот пазар, а од странство се заработени само 6,1 илјада евра.

    ДРЖАВНИТЕ СУБВЕНЦИИ СЕ РЕЧИСИ ИДЕНТИЧНИ СО ТРОШОЦИТЕ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ

    За плати, придонеси, регрес и други трошоци за вработените, МИА лани исплатила 904,7 илјади евра. Според извештајот, на крајот од 2025 година Агенцијата имала 75 вработени.

    Најголемата ставка се нето-платите, за кои се издвоени 585,7 илјади евра, додека придонесите за вработените изнесувале 295,8 илјади евра. За регрес биле потрошени 20 илјади евра.

    Ако овие податоци се показател колку државата го цени новинарството, се доаѓа до просечна месечна нето-плата од 40.000 денари.

    Кога се гледаат бројките, забележливо е дека вкупните трошоци за вработените се речиси идентични со износот на добиените државни субвенции. Разликата е 7,1 илјада евра.

    ОСТАНАТИ ТРОШОЦИ ОД РЕЧИСИ 300.000 ЕВРА

    Покрај овие, МИА пријавила и 299,6 илјади евра како останати трошоци, што е за 2,7 насто повеќе отколку во 2024 година. Оваа категорија опфаќа 23 различни ставки, меѓу кои се режиските трошоци, такси-превозот, службените возила, телефонските услуги, патувањата, репрезентацијата, осигурувањето, надоместоци за вработените и за членовите на Управниот одбор…

    Петте најголеми ставки – теренски додатоци, договори за дело, одржување, вести и фотографии од ДПА и ЕПА и трошоци за телефонија – заедно изнесуваат 234,5 илјади евра. Тоа претставува 78,3 насто од вкупните останати трошоци на МИА.

    ЗАГУБАТА Е НАМАЛЕНА ЗА 80,8 НАСТО, НО И ГЛАВНИНАТА Е ПОМАЛА

    За една година загубата пред оданочување е намалена за 191,9 илјади евра, односно за 80,8 насто.

    Меѓутоа, во извештајот е прикажано и дека вкупната главнина на Агенцијата на крајот од 2025 година изнесувала 271,2 илјади евра, наспроти регистрираните 316,8 илјади евра на крајот од 2024 година. Во овој сегмент има пад од 14,4 насто.

    Акционерскиот капитал останал непроменет и изнесува 60,7 илјади евра, а непроменети се и ревалоризациските резерви од 21,5 илјади евра.

    Освен тоа, на крајот од минатата година МИА имала побарувања од купувачи во нето-износ од 77 илјади евра (+ 3,5 %). Во тие рамки, домашните купувачи на информации должат 71,2 илјади евра.

    Во финансиската евиденција се прикажани и сомнителни и спорни побарувања од 43,1 илјада евра. За нив е евидентирано вредносно усогласување од 42,5 илјади евра. МИА има и останати побарувања од 26,1 илјада евра, кои се на истото ниво како и во 2024 година. Најголемиот дел, или 19,7 илјади евра, се однесува на побарувања за повеќе платен данок на добивка.

    МИА е во целосна државна сопственост со Владата како единствен акционер. Има јавна информативна улога, но и финансиски резултати што ја покажуваат цената на нејзиното работење, кое е далеку од остварување одредена финансиска самостојност. Напротив, зголемена е зависноста од државното финансирање: 74 од секои 100 евра приходи на МИА доаѓаат од државните субвенции.

    М.А.

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично