Volkswagen денес започна преговори за платите со синдикатот IG Metall и со работничкиот совет во Емден, во северна Германија, каде што се очекуваше протест на неколку стотици работници, објави Ројтерс. Според IG Metall, преговорите опфаќаат околу 120.000 вработени во Volkswagen AG во погоните во Волфсбург, Хановер, Брауншвајг, Залцгитер, Касел и Емден, како и на три локации во Саксонија и во неколку сервисни единици.
„Управата на ’Фолксваген‘ им забива нож во грб на своите вработени. ’Фолксваген‘ се соочува со критичен тест, чии размери работодавачите, по сè изгледа, сè уште не ги сфаќаат“, изјави минатата недела главниот преговарач Торстен Грегер, регионален раководител на „ИГ Метал“ за Долна Саксонија.
ФОЛКСВАГЕН САКА ДА ГИ ЗАМРЗНЕ ПЛАТИТЕ
Од „ИГ Метал“ предупредија дека штрајковите би можеле да започнат од 1 јануари. Синдикатот тврди дека планот за реструктуирање на „Фолксваген“ претставува кршење на договорот од 2024 година, кој предвидуваше укинување на 35.000 работни места во замена за гаранции за вработување и инвестиции.
„Фолксваген“ најави дека сака да ги замрзне платите на германските работници во 2027 и 2028 година, истовремено укинувајќи низа бенефиции. Компанијата, исто така, сака да направи измени во синдикално договорената 35-часовна работна недела, барајќи од вработените, по потреба, да работат подолго за истата плата.
VW ги објави своите барања на 19 ноември, но писмо со датум од минатиот четврток, во кое увид имаше Ројтерс, покажува дека предложените кратења се уште подлабоки. Тие вклучуваат укинување на платените 20-минутни паузи во фабричкиот систем со три смени, укинување на бонусите по повод 25 и 35 години работен стаж, укинување на платеното отсуство на Бадник и на Нова година, како и укинување на посебните договори за плати за раководниот кадар, пренесува Ројтерс.
IG Metall бара зголемување на платите од 5% во текот на 12 месеци, плус социјална компонента наменета за групите со најниски примања. Volkswagen, пак, бара да нема зголемување на платите во 2027 и 2028 година, да се укине колективниот додаток во висина од 27,5% од просечната месечна плата (при што се нудат шест дена платено отсуство како замена), да се укине месечниот додаток од 167 евра, како и неделното работно време да се прилагодува според побарувачката – без дополнително плаќање за неделите со подолг работен ангажман и со намалена плата за неделите со пократко работно време.
„Во моментов се наоѓаме во ситуација во која ни е потребен брз договор“, изјави Франк Ишнер, кој заедно со Керстин Шолц ја предводи страната на VW.
ГНЕВОТ Е ОГРОМЕН
Торстен Грегер, главниот преговарач на IG Metall, изјави дека раководството ѝ забива нож во грб на работната сила, а претседателката на работничкиот совет, Даниела Кавало, истакна дека гневот кај вработените е огромен. Како што пренесува Ројтерс, VW наведува слаба продажба, намалување на готовинските средства и ниски профитни маржи кај својот главен бренд. Се очекува оперативната маржа на основниот бренд оваа година да не надмине 1%, што е пад од 5,9% во 2024 година.
„Фолксваген“ се соочува со сè поголема конкуренција од Кина и им порача на своите вработени во Германија дека трошоците за домашното производство станале превисоки.
Според синдикатот „ИГ Метал“ (IG Metall), обврската за воздржување од штрајк истекува на 31 декември, а предупредувачките штрајкови се дозволени од 1 јануари. Синдикатот тврди дека новото реструктуирање го прекршува договорот постигнат кон крајот на 2024 година, со кој се предвидуваше укинување на 35.000 работни места во замена за гаранции за вработување и инвестиции, пренесува Ројтерс. Според истиот извор, VW планира да укине 100.000 работни места, а четири фабрики во Германија, вклучително и онаа во Емден, се соочуваат со можно затворање на почетокот на следната деценија.
Преговорите доаѓаат неколку недели откако VW го напушти концептот за фабрика „Gamechanger“ во Волфсбург. „MLQ.ai“ исто така извести за долгите чекања за моделот „ID. Polo“, како и за планот на VW годишно да извезува околу 300.000 возила произведени во Кина.
Аналитика








