ПОВЕЌЕ

    Кравите од Крива Паланка станаа светска вест – градоначалникот бара кризна состојба

    Време зa читање: 2 минути

    Видео сторија за повеќе од илјада крави што слободно шетаат низ Крива Паланка објави европскиот медиум Еуроњуз. Добитокот се движи низ сообраќајот, пасе во јавни паркови и шета меѓу куќите, понекогаш и по стемнување. Градот тешко се справува со проблемот, па градоначалникот бара од Владата да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена, пренесува Еуроњуз.

    За необичната состојба известува и американската новинска агенција Асошиејтед прес, која објави репортажа со фотографии и видео од Крива Паланка.

    Според градоначалникот Сашко Митовски, бројот на животните се зголемил од околу 400 на повеќе од 1.000 во последните неколку години. Тие предизвикуваат значителни штети на земјоделските насади, приватните имоти и јавните површини, а жителите стравуваат од неочекувани средби со крупниот добиток.

    АП пренесува и сведоштва на жители кои предупредуваат дека животните ја загрозуваат безбедноста на патот кон Бугарија, но и водоснабдувањето на градот. Еден од земјоделците изјавил дека стадото му уништило повеќе од 150 овошни дрвја.

    Многу од животните претходно му припаѓале на едно семејство, наведува Еуроњуз. Според информациите на АП, Агенцијата за храна и ветеринарство уште во 2024 година донела решенија за одземање на добитокот од тројца сопственици, но тие не биле целосно спроведени. Еден од сопствениците бил приведен поради наводно попречување на постапката, но подоцна бил ослободен.

    Општината предупредува дека нема доволно ресурси и капацитети за справување со проблемот. Затоа бара координирана интервенција на државните институции, со дополнителни стручни екипи, специјализирани возила и простор за сместување на животните.

    Од Општинскиот кризен штаб најавија и воспоставување евиденција на пријавените штети, со можност за поведување постапки за нивно надоместување.

    Проблемот има и економски аспект. Според проценката што ја пренесува АП, пазарната вредност на стадото се движи меѓу 360.000 и 570.000 евра. Како едно од можните решенија се споменува продажба на животните на лица кои би можеле соодветно да се грижат за нив.

    Градоначалникот Митовски се надева дека прогласувањето привремена кризна состојба ќе овозможи координација на локалните и државните институции, секојдневни теренски активности и трајно решавање на проблемот што со години ги загрозува имотите и секојдневието на жителите.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично