Делницата од кичевското село Извор до Врбјани во општина Дебрца, која е дел од автопатот Кичево–Охрид, ќе биде пуштена во сообраќај во следните неколку недели. Градежните работи се целосно завршени, а во тек се безбедносните тестирања. Целиот автопат треба да биде ставен во функција до крајот на мај 2027 година, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
На оваа делница се пробиени две тунелски цевки, со должина од 1.100 и 1.990 метри, кои, според Николоски, се најдолгите во Македонија. Завршени се и четирите галерии, мостовите, вијадуктите и останатите градежни работи.
Во моментов се спроведуваат тестирања во согласност со најновите европски барања за безбедност во сообраќајот, особено во тунелите. Николоски истакна дека станува збор за стандарди што првпат ќе се применат во регионот.
„Остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите до крајот на мај да имаме не само целосно пуштен автопат, туку автопат со сите потребни документи“, изјави министерот.
Различна динамика има на автопатските делници што ги гради „Бехтел и Енка“. На потегот Тетово–Гостивар реализацијата на земјените работи достигнала 65 насто, а на делот од Гостивар кон Букојчани 60 насто. На делот од Букојчани градежните работи допрва започнуваат.
Најголем напредок има на автопатот Прилеп–Битола, каде што се завршени над 80 насто од земјените работи. Сепак, на ниту една од трите автопатски делници сè уште нема поставено асфалт.
Во однос на планираниот автопат Требеништа–Ќафасан, Николоски најави дека се разгледуваат можните траси за да се зачува заштитениот статус на Охридскиот Регион. Конечната маршрута ќе ја утврдат експертите од областа на градежништвото и заштитата на животната средина.
Според министерот, градежните активности на оваа делница би можеле да започнат со почетокот на следната градежна сезона, доколку навреме се утврди најсоодветното решение.
Аналитика








