ПОВЕЌЕ

    Дали Македонија е подготвена за одговорна употреба на ВИ? Македонски и шведски перспективи преку дискусија во Скопје

    Време зa читање: 3 минути

    На 17 ноември 2026 година, во InnoX Innovation Center во Скопје, ќе се одржи меѓународен настан посветен на одговорната употреба на вештачката интелигенција во компаниите, во организација на Swedish Macedonian Alumni Network, со поддршка на Амбасадата на Шведска и Шведско-македонската стопанска комора, во соработка со Универзитетот Лунд. На настанот ќе биде претставена и иницијативата Ethical AI Macedonia, заедно со нејзините Принципи за одговорна употреба на вештачката интелигенција во Македонија.

    Настанот ќе започне во 17:00 часот со поздравни обраќања на Ангела Ангеловска од Swedish Macedonian Alumni Network, заменик-министерот за дигитална трансформација Радослав Настасиевикј Варџиски, амбасадорката на Шведска Ола Солстром, Филип Стефановски од Шведско-македонската стопанска комора и Андреас Брингељсон од Универзитетот Лунд.

    Централниот дел од програмата ќе биде панел-дискусијата „Responsible AI in Practice for Businesses in North Macedonia“, која ќе се одржи од 17:30 до 19:00 часот. На панелот ќе учествуваат Горан Стојановски од Public Cloud Group, Блерим Емрули од Универзитетот Лунд, Владимир Бошњаковски од Ethical AI Macedonia, Филип Најдовски од EaseAccess24 и Силвија Гелевски од External Lens Consulting и WINHARQ. Дискусијата ќе ја модерира Марија Ѓорѓиева од Swedish Macedonian Alumni Network. По панелот е предвиден коктел и можност за вмрежување.

    Принципи за одговорна употреба на ВИ во Македонија

    Ethical AI Macedonia, иницијатива основана од адвокатите Владимир Бошњаковски и Ангела Ангеловска, ја објави првата верзија на Принципите за одговорна употреба на вештачката интелигенција во Македонија. Нивната цел е да придонесат за поширока и поодговорна примена на ВИ преку подобро разбирање на нејзините можности, ограничувања и ризици.

    Принципите се организирани во осум тематски групи, кои ги опфаќаат основните права, правичноста и еднаквоста, транспарентноста, управувањето со податоците, безбедноста, човечкиот надзор, одговорноста и локалниот контекст. Тие нудат почетна ориентација за компаниите, институциите и сите што сакаат одговорно да ја користат технологијата.

    Документот е отворен за коментари, критики и предлози од јавноста. Намерата е во текот на следната година, преку консултации и размена на практични искуства, принципите да се надградуваат и да се развиваат насоки приспособени на домашните потреби.

    Настанот на 17 ноември ќе биде можност за започнување поширока дискусија и поврзување на деловниот сектор, институциите, академската заедница и граѓанските организации околу прашањата за одговорната употреба на ВИ.

    Настанот е отворен за сите заинтересирани. Регистрацијата е отворена до 16 ноември 2026 година.

    Повеќе информации и принципите: aimacedonia.org

    Регистрација за настанот: luma.com/8femjan4

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично