Време зa читање: 5 минути
Две критични безбедносни слабости во PHP, програмски јазик што го користат огромен број веб-страници ширум светот, предизвикаа меѓународна тревога и итна реакција на компаниите, институциите и експертите за сајбер-безбедност. Веб-страници на влади во неколку европски земји и на други места во средата престанаа да функционираат, откако откривањето на критични ранливости во еден широко користен програмски јазик ги принуди операторите на веб-страници ширум светот забрзано да работат на заштита на своите системи.
Пропустите се откриени со помош на вештачка интелигенција, а нивната сериозност е толкава што потенцијално овозможуваат хакери да преземат контрола врз сервери без претходно да имаат корисничко име или лозинка.
Американското ФБИ и повеќе национални агенции за сајбер-безбедност предупредија дека организациите мора веднаш да ги ажурираат своите системи. Во меѓувреме, дел од државните и други веб-страници во Европа и САД беа привремено исклучени додека се спроведуваа заштитните мерки. Меѓу погодените беше и веб-инфраструктурата на финската влада, каде што дел од страниците беа недостапни.
ШТО ТОЧНО ОТКРИЛА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА?
Станува збор за две слабости, означени со кодовите CVE-2026-109618 и CVE-2026-109619, кои добија оценка 9,2 од максимални 10 според меѓународната скала за процена на сајбер-ризици.
PHP е програмски јазик што работи во заднината на веб-страниците. Тој обработува информации, овозможува најавување корисници, комуникација со бази на податоци и функционирање на голем број интернет-продавници, портали и електронски услуги.
Според безбедносните истражувачи, PHP се користи кај приближно 70 проценти од веб-страниците за кои е познат серверскиот програмски јазик. Меѓу познатите системи што се потпираат на него се WordPress, Drupal и Joomla. Тоа не значи дека сите овие веб-страници се компромитирани, туку дека голем број од нив потенцијално можат да бидат изложени ако користат ранливи верзии.
Наједноставно објаснето, откриените грешки се поврзани со начинот на кој PHP ја користи и ослободува компјутерската меморија. Во одредени околности, напаѓач може да ја искористи оваа слабост за да изврши сопствени команди на серверот.
Последиците можат да бидат сериозни: кражба на доверливи информации, пристап до бази на податоци, менување содржини или прекинување на работата на веб-страници.
ПРОБЛЕМОТ ПОСТОЕЛ УШТЕ ВО 2024 ГОДИНА
Посебно внимание предизвика признанието на Фондацијата PHP дека првите знаци за еден од проблемите биле забележани уште во 2024 година, но тогаш не бил утврден конкретен начин за негово искористување при напад. Во меѓувреме, експертите разгледувале повеќе начини за отстранување на грешката, но поправките можеле да предизвикаат други проблеми и нарушување на компатибилноста со постојните системи.
Фондацијата призна дека доцнењето било резултат и на слабости во начинот на донесување одлуки и на недостиг од ресурси.
Пресвртот настапил во август годинава, кога истражувачи со помош на напредни модели на вештачка интелигенција успеале да докажат дека слабостите можат да се искористат за преземање контрола врз сервери.
Во откривањето и проверката учествувале истражувачката компанија Calif, OpenAI и компанијата за сајбер-безбедност Wiz. Моделот GPT-5.6 Sol на OpenAI бил користен при идентификување на една од критичните слабости, додека Wiz независно ги пријавила двата проблема.
ШТО Е ПРЕЗЕМЕНО?
На 21 октомври 2026 година, развивачите на PHP објавија четири нови безбедносни верзии со кои се отстрануваат откриените слабости: 8.5.12, 8.4.27, 8.3.36 и 8.2.35.
Пред објавувањето, во изминатите два месеца била спроведена координирана акција меѓу развивачите, безбедносните истражувачи и технолошките компании. Во подготовката на заштитните мерки учествувале и Cloudflare и други инфраструктурни партнери.
Итноста дополнително се зголемила откако информации за слабостите протекле пред планираното јавно објавување, што го зголемило ризикот од нивна злоупотреба.
Засега нема потврдени докази за широко распространета активна злоупотреба на овие пропусти, според предупредувањето на канадскиот Центар за сајбер-безбедност од 21 октомври. Сепак, веќе постојат јавни демонстрации дека нападите се технички изводливи.
Овој случај е многу повеќе од технички проблем што ги засега програмерите. Денес функционирањето на компаниите, банките, трговските друштва, медиумите и јавните институции во голема мера зависи од интернет-системите.
Успешен напад врз ранлив сервер може да предизвика прекин на продажбата, недостапност на услуги, загуба на податоци, дополнителни трошоци за закрепнување и нарушување на довербата кај клиентите.
За македонските компании, особено оние што користат WordPress, сопствени веб-апликации или системи за електронска трговија, случајот е потсетување дека редовното техничко одржување е дел од управувањето со деловниот ризик. Неопходно е компаниите преку своите ИТ-служби или хостинг-провајдери да проверат која верзија на PHP ја користат и дали се инсталирани соодветните безбедносни поправки. Постарите верзии што повеќе немаат официјална поддршка бараат дополнително внимание.
Откривањето на слабостите отвора и пошироко прашање: дали вештачката интелигенција ќе им даде предност на експертите што ги штитат системите или на хакерите што се обидуваат да ги нападнат?
Во конкретниот случај, напредните модели помогнале да се откријат опасни пропусти и навреме да се подготват поправки. Но, истата технологија може да се користи и за забрзано пронаоѓање слабости и создавање алатки за напади.
OpenAI оцени дека случајот е меѓу најзначајните откриени безбедносни проблеми во поново време и предупреди дека со развојот на вештачката интелигенција може нагло да расте бројот на ваквите откритија. Компанијата најави и програма за поддршка на организациите што ја користат вештачката интелигенција за заштита на критичните системи.