Дали би купиле комплетен ски-центар во Австрија за само две евра? Звучи како шега но, ова е понудата што моментално ја дава една општина во австриската покраина Штаерска. Сепак, зад оваа необична понуда се крие сериозен проблем -сериозните финансиски тешкотии со кои се соочува општината. Општината Санкт Барбара им Мирцтал повеќе не може да си дозволи да управува со ски-центарот „Бруналм“.
И општината и покраината Штаерска во повеќе наврати мораа да обезбедуваат финансиски средства само за да овозможат функционирање на ски-лифтовите.
Како резултат на тоа, општината сега има намера да ја продаде непрофитната организација „Фрајцајтбетрибе Вајч“ (Freizeitbetriebe Veitsch) – која управува со ски-центарот – за симболични две евра.
Градоначалникот предупредува на банкрот. Градоначалникот Арно Рус (од партијата ÖVP) јасно укажа на сериозноста на ситуацијата. „Ова стана неодржливо за општината; повеќе не можеме да си го дозволиме тоа. Ако продолжиме да стопанисуваме со него, компанијата ќе мора да прогласи банкрот, што би значело крај на сите скијачки активности“, изјави тој во интервју за весникот „Клајне Цајтунг“ (Kleine Zeitung).
Поради тоа, тој започна да бара инвеститори. Стапи во контакт со соседните ски-центри и со локални претприемачи, но почетниот интерес беше многу мал.
Се појавија двајца потенцијални купувачи.
Во текот на летото, конечно се јавија две заинтересирани страни. Маргарет Крајшек и Михаел Штопахер се подготвени да преземат ризик и да се впуштат во овој потфат, пренесува „Клајне Цајтунг“, а пренесува SEEbiz.
Сепак, новите оператори ќе бидат договорно обврзани да продолжат со управувањето на ски-центарот. „Се соочуваме со значителни трошоци, но сме исклучително мотивирани да го реализираме овој проект“, изјави Крајшек за „Клајне Цајтунг“. Плановите за претстојната зимска и летна сезона се веќе доставени.
Пред конечното примопредавање, општината мора да реши уште една преостаната финансиска пречка: обезбедување нов заем за отплата на постоечките долгови. Покраината Штаерска ќе обезбеди финансиска поддршка за овој чекор, а општинскиот совет ќе одлучува за иднината на ски-центарот Бруналм на вонредна седница.
Аналитика








