Авион на компанијата „Флајдубаи“ (Flydubai), кој летал од Дубаи кон Тел Авив, испратил сигнали за итна состојба и за можно киднапирање за време на летот, по што извршил принудно слетување на аеродромот Табук во Саудиска Арабија. Според сведоштва на патници и извештаи на израелските медиуми, во пилотската кабина избила насилна расправија, при што еден од пилотите наводно бил избоден со нож. Околностите на инцидентот сè уште не се официјално потврдени, а се разгледува и можноста за обид за терористички напад.
Авионот на „Флајдубаи“ најпрво го емитувал меѓународниот код „7700“, кој означува општа итна состојба, а потоа и кодот „7500“, кој се користи во случаи на киднапирање или друго незаконско мешање во работата на леталото.Податоците за следење на летот покажуваат дека авионот се спуштил за 17.400 стапки или 4.500 метри за помалку од две минути, околу 01:20 часот по источно време.
Според израелски безбедносни извори, првичните проценки укажувале дека инцидентот најверојатно бил предизвикан од расправија во авионот. Сепак, „Канал 12“ и весникот „Једиот Ахронот“ известуваат за сè посилното уверување во Израел дека можеби станувало збор за обид за терористички напад, иако тоа во оваа фаза не може да се потврди со сигурност.
Израелски борбени авиони беа испратени кон леталото, додека, според извештаите на локалните медиуми, премиерот и министерот за одбрана одржаа итни консултации.
Патничка во авионот изјави за „Канал 12“ дека патниците прво слушнале врисоци, а потоа виделе крв откако се отворила вратата од пилотската кабина.
„Слушнавме врисоци во авионот. Потоа ја отворија кабината и видовме крв; некој го избодел пилотот со џебен нож“, изјавила патничката во порака до телевизиската станица.

Според неа, израелски патници, заедно со членовите на екипажот, помогнале да се совлада напаѓачот.
„Се молевме. Имаше моменти кога мислевме дека нема да преживееме“, рече таа.
Друга патничка, која се претстави како Ноам, изјави дека се слушнале врисоци откако патниците сфатиле што се случува.
„Сфативме дека еден од пилотите е избоден и тешко повреден и дека ја изгубиле контролата врз авионот. Авионот почна нагло да понира со носот надолу. Беше застрашувачки“, изјави таа.
Според непотврдени информации, саудиските власти на терен го испрашуваат копилотот – државјанин на Оман – кој наводно го нападнал капетанот (државјанин на Обединетите Арапски Емирати) со нож и се обидел да го урне авионот. Истовремено, се разгледуваат и други можности, вклучително и итна медицинска состојба што не е поврзана со политички или националистички мотиви.
„Канал 12“ известува дека во авионот имало и втор тим пилоти во цивилна облека. Според овие извештаи, тие биле меѓу патниците што помогнале да се спречи преземањето на авионот.
Патниците останаа во Саудиска Арабија по принудното слетување. „Флајдубаи“ (Flydubai) најави дека ќе испрати друг авион на аеродромот во Табук, додека израелските медиуми известуваат дека Израел размислува да испрати цивилен или воен авион за да ги врати патниците дома.
Израелските, саудиските и властите на ОАЕ сè уште официјално не објавија што точно се случило во авионот.
По принудното слетување, авионот повеќе не се појавуваше на одредени веб-страници за следење летови. Според медиумските извештаи, во авионот имало околу 180 патници. Висок израелски функционер изјави за еден медиум дека последиците од инцидентот можеле да бидат далеку посериозни доколку во леталото немало други пилоти кои помогнале ситуацијата да се стави под контрола. Сепак, оваа проценка сè уште не е официјално потврдена, се вели во објавата на РТС.
(Фото: скриншот на летот на Флајтрадар24)
Аналитика








