Ако досега Европската Унија беше најпозната како глобален регулатор на технологијата, годинава сликата почна видливо да се менува: наместо само да поставува правила за американските и азиските технолошки гиганти, Брисел сè повеќе сака Европа самата да располага со чипови, cloud-инфраструктура, вештачка интелигенција, податоци, софтвер и комуникациски системи од кои зависи нејзината економија.
Последните неколку месеци покажуваат дека „европскиот дигитален суверенитет“ веќе не е само политичка формулација.
На 3 јуни 2026 година Европската комисија го претстави Пакетот за европски технолошки суверенитет, во кој се вклучени предлозите Chips Act 2.0 и Cloud and AI Development Act, новата EU Open Source Strategy и стратегиски план за дигитализација и вештачка интелигенција во енергетиката. Целта е да се намали зависноста на Европа од добавувачи надвор од ЕУ во технологии кои денес се сметаат за стратешка инфраструктура.
Само неколку недели подоцна, Комисијата оцени дека Amazon Web Services и Microsoft Azure, двата најголеми cloud-провајдери на европскиот пазар, можеби треба да бидат третирани како „gatekeepers“ според Digital Markets Act. Како проблеми беа посочени нивната долгогодишна пазарна позиција, високите трошоци за преминување кај друг провајдер и т.н. lock-in ефект, како и сè поголемата поврзаност меѓу cloud-услугите и AI-алатките.
Потоа, на 30 јули, ЕУ отвори повик за воспоставување до седум AI Gigafactories низ Европа. За проектот се предвидени до 10 милијарди евра европски и национални јавни средства, со очекување да бидат активирани најмалку уште 20 милијарди евра приватни инвестиции. Идејата е Европа да има сопствена инфраструктура за тренирање и користење на најнапредни AI-модели, наместо речиси целосно да зависи од капацитетите на американските hyperscalers.
Во септември следуваше уште еден конкретен чекор: од 11 септември 2026 година почнаа да се применуваат обврските за известување според Cyber Resilience Act, со кои производителите на хардвер и софтвер добиваат нови обврски при откривање безбедносни ранливости и инциденти.
А само два дена пред крајот на септември се појави уште еден показател колку е конфликтна оваа област. Google поднесе правни постапки против одлуки на ЕУ според Digital Markets Act со кои компанијата треба да овозможи поголем пристап до одредени свои услуги и податоци за конкурентски пребарувачи и AI-компании. Google тврди дека мерките создаваат ризици за приватноста и безбедноста, додека Комисијата останува на ставот дека одлуките содржат соодветни заштитни механизми.
ОД ШТО СЕ ПЛАШИ ЕВРОПА?
Суштината на европскиот проблем е релативно едноставна: ЕУ има огромен пазар и силна регулатива, но значителен дел од дигиталната инфраструктура што го движи тој пазар не е европска.
Самата Европска комисија ја дефинира технолошката сувереност како способност Европа самостојно да дејствува во дигиталниот свет, да развива и контролира клучни технологии, податоци и инфраструктура и да ја намалува зависноста од неевропски провајдери.
Бројките покажуваат зошто прашањето стана толку важно.
Според извештајот State of the Digital Decade 2026, ЕУ има само околу 9 проценти од глобалниот пазар на полупроводници, далеку од поставената цел од 20 проценти до 2030 година. Во cloud, сајбер-безбедноста и повеќе други критични технологии зависноста од неевропски компании и понатаму е значителна.
Истовремено, побарувачката експлодира. Во 2026 година cloud-услуги користат 46,7 проценти од компаниите во ЕУ, околу 39,9 проценти користат аналитика на податоци, а речиси една петтина веќе применуваат вештачка интелигенција. Употребата на AI само во 2025 година пораснала за 48 проценти.
Со дигитализирањето на економијата се зголемува и зависноста од странски технологии да се претвори во економска и безбедносна слабост. Најочигледниот ризик е cloud-зависноста. Денес огромен дел од европските компании и јавни институции ги чуваат своите податоци и ги извршуваат своите дигитални процеси преку инфраструктура на американски компании.
Кога критична инфраструктура, јавни податоци, AI-системи и деловни процеси зависат од мал број компании под странска јурисдикција, Европа има ограничена контрола врз технологијата на која се потпира. Токму поради тоа Комисијата во април 2026 година додели договор од 180 милиони евра за sovereign cloud услуги за институциите на ЕУ, при што воведе посебен Cloud Sovereignty Framework. Провајдерите се оценуваат според 48 критериуми, меѓу кои правната јурисдикција, контролата врз податоците, синџирот на снабдување, технолошката автономија, безбедноста и оперативната контрола.
Вториот ризик се полупроводниците. Без чипови нема автомобили, телекомуникации, оружени системи, индустриска автоматизација, data centres ниту вештачка интелигенција. Затоа прекин во азискиот синџир на снабдување може многу брзо да стане европски индустриски проблем.
Третиот ризик е AI-зависноста. Ако европските компании мора да користат странски модели, странски cloud и странски AI-чипови, тогаш највредниот нов технолошки слој на економијата повторно се гради врз инфраструктура која Европа не ја контролира.
Четвртиот ризик се податоците. ЕУ во јули годинава отвори посебна консултација за „заштита на суверенитетот на податоците“, во која експлицитно ги наведува ризиците од пристап на трети држави до чувствителни европски информации, истекување на податоци, дискриминаторни правила и неоправдана локализација на податоците во странство.
Петтиот проблем е vendor lock-in – ситуација во која една компанија толку силно ќе се врзе за одреден cloud, оперативен систем, платформа или софтверски екосистем што преминувањето кај конкурент станува технички тешко и многу скапо.
И на крајот е сајбер-безбедноста. Колку повеќе уреди, cloud-системи и AI-модели се поврзуваат во една дигитална економија, толку поголема е површината за напад. Затоа европскиот концепт за суверенитет постепено се спојува со концептот за дигитална отпорност.
ДИГИТАЛНИОТ УСТАВ НА ЕВРОПА
Во изминатите години е создадена една од најобемните дигитални регулаторни рамки во светот.
Digital Markets Act – DMA ги ограничува практиките на најголемите дигитални „gatekeepers“ и се обидува да отвори простор за конкуренција. Во април 2026 година првата ревизија на DMA заклучи дека законот веќе придонел за полесно менување услуги, алтернативни app stores, пребарувачи и поголема интероперабилност.
Digital Services Act – DSA воспоставува правила за големите платформи, алгоритамската транспарентност, рекламирањето и системските ризици. Во август 2026 година Комисијата, на пример, го стави и ChatGPT во категоријата на услуги со дополнителни обврски според DSA поради бројот на европски корисници.
AI Act од 2 август 2026 година веќе влезе во главната фаза на примена и спроведување. AI Office и националните органи добија надлежности за контрола, а почнаа да важат и новите правила за транспарентност на AI-содржините, chatbot-системите и deepfake материјалите.
Кај податоците, Data Governance Act и Data Act ја градат европската рамка за пристап, споделување и повторна употреба на податоци. Data Act се применува од 12 септември 2025 година и е особено важен за индустриските податоци и cloud-пазарот.
Во сајбер-безбедноста важат NIS2 и Cyber Resilience Act. NIS2 ги проширува обврските за критичните и важните субјекти, додека CRA воведува хоризонтални безбедносни барања за производи со дигитални елементи – од софтвер до поврзани уреди.
Дополнително, European Digital Identity Regulation предвидува земјите членки до крајот на 2026 година да обезбедат европски дигитални паричници преку кои граѓаните ќе можат да го докажуваат идентитетот и дигиталните атрибути без непотребно споделување лични податоци.
Новиот бран на регулирање треба да одговори на потешкото прашање: „Кој ќе ја поседува и контролира технологијата што функционира во Европа?“
ЧИПОВИ, КЛАУДИ И ПОЛУПРОВОДНИЦИ
Европа денес веројатно има повеќе дигитални правила од кој било друг голем економски блок. Но дигиталниот суверенитет не може да се произведе само со закони, туку се потребни фабрики за чипови, дата-центри, суперкомпјутери, cloud-провајдери, AI-модели, капитал, инженери и компании кои можат да растат и глобално.
Најважната промена во европската политика во 2026 година е преминот од „regulate“ кон „regulate and build“.
Chips Act 2.0, предложен во јуни 2026 година, оди чекор понатаму од првиот European Chips Act. Намерата е не само да се субвенционира производството, туку да се развива капацитет во најнапредните полупроводнички технологии и да се намали ранливоста на синџирот на снабдување.
Паралелно, предложениот Cloud and AI Development Act – CADA треба да создаде услови капацитетот на европските data centres да биде најмалку тројно зголемен во следните пет до седум години и потребите на европските компании и јавните администрации целосно да можат да се покријат до 2035 година. Предлогот предвидува и единствен европски систем за оценување на суверенитетот на cloud и AI инфраструктурата.
ЕУ веќе гради и 19 AI Factories, поврзани со европската EuroHPC суперкомпјутерска мрежа, а следниот чекор се многу поголемите AI Gigafactories со над 100.000 напредни AI процесори по инфраструктурен кластер.
На софтверската страна, новата EU Open Source Strategy треба да поттикне европски алтернативи во cloud, оперативни системи, AI, сајбер-безбедност, е-пошта и дигитални јавни услуги. Логиката е едноставна: отворениот код овозможува поголема контрола врз технологијата и го намалува ризикот корисникот трајно да биде врзан за еден сопственички систем.
Во комуникациската инфраструктура, пак, Комисијата во јануари предложи Digital Networks Act, чија цел е повеќе да се интегрира европскиот телекомуникациски пазар, да се олесни прекуграничното работење и да се намалат стратешките зависности во комуникациската инфраструктура.
Аналитика








