ПОВЕЌЕ

    ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА: 239 милиони евра веќе ја движат домашната економија

    Време зa читање: 3 минути

    Домашните компании во изминатиот период добиле силна финансиска инјекција преку поволната кредитна линија обезбедена со унгарскиот заем. Од предвидените 250 милиони евра, досега во македонската економија се пласирани 239 милиони евра, а Владата очекува овие средства да се претворат во нови инвестиции, поголемо производство, нови работни места и повисока конкурентност на приватниот сектор.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека средствата обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка не треба да се гледаат како трошок за буџетот, туку како инвестиција во економскиот раст.

    Според неа, идејата за ваква финансиска поддршка произлегла од потребата на компаниите кои имаат потенцијал и развојни планови, но немаат доволно поволни извори за нивно финансирање.

    Заедно со бизнис-секторот и банките, како што наведува министерката, бил креиран модел преку кој 250 милиони евра се ставиле на располагање за развојни инвестиции во домашниот приватен сектор, со поволни услови и полесен пристап до капитал.

    Првата транша до компаниите била исплатена во март минатата година, а досега се пласирани вкупно 239 милиони евра.

    Димитриеска-Кочоска оценува дека интересот на бизнисот покажал дека мерката одговара на реалните потреби на компаниите. Дополнителен ефект, според неа, создава и фактот што средствата што се обезбедуваат преку оваа програма се надополнуваат со сопствени средства на компаниите, со што вкупниот обем на инвестиции е поголем од директно пласираниот износ.

    Министерката посочува дека во оваа фаза поважно од самиот износ на пласираните средства е прашањето каков ефект имаат тие врз економската активност.

    Како еден од показателите го издвојува корпоративното кредитирање. Во периодот во кој се реализира мерката, тоа бележи просечен годишен раст од околу 15 проценти. Од март минатата година до јуни годинава стапките на раст се движеле меѓу 13,5 и 16,5 проценти.

    Според министерката, овие податоци укажуваат на зголемена кредитна активност и подобар пристап на компаниите до финансиски средства.

    Во исто време, македонската економија во првиот квартал од 2026 година забележа раст на БДП од 3,1 процент. Во четвртиот квартал од 2025 година растот изнесувал 3,5 проценти, додека во вториот и третиот квартал од минатата година бил по 3,8 проценти.

    Еден од позначајните придонеси кон економскиот раст, според Димитриеска-Кочоска, доаѓа од јавните и приватните инвестиции.

    Позитивни сигнали, како што наведува, се забележуваат и кај извозот, индустриското производство и вработеноста.

    „Сите податоци покажуваат дека економската активност се движи во посакувана насока и се потврда за позитивните ефекти на политиките коишто ги спроведуваме“, наведува министерката.

    Таа додава дека токму затоа поддршката на домашните компании треба да се гледа како инвестиција во растот, а не само како финансиски трошок.

    Според неа, економските политики треба да се оценуваат преку нивниот ефект врз реалната економија – колку нови инвестиции создаваат, дали производството расте, дали компаниите стануваат поконкурентни и дали се отвораат нови работни места.

    Целта на Владата, како што посочува Димитриеска-Кочоска, останува поттикнување повеќе инвестиции, зголемено производство, посилни домашни компании и одржлив економски раст.

    Таа најавува дека и во следниот период ќе продолжи креирањето мерки со кои компаниите ќе добиваат подобри услови за инвестиции, раст и создавање нова вредност во економијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично