
Јужна Европа повторно се наоѓа во огнен обрач. Екстремните температури, силните ветрови и исушената вегетација создадоа услови во кои пожарите за само неколку часа се претвораат во огромни огнени фронтови, загрозувајќи населени места, туристички центри, патишта и индустриски објекти.
Најтешки последици се регистрирани во Грција, каде што тројца пожарникари загинаа обидувајќи се да го запрат ширењето на огнот на островот Крит и на полуостровот Пелопонез. Истовремено, пожарникарите во Шпанија, Франција, Португалија и Турција водат борба со нови жаришта, додека четвртиот топлотен бран ова лето дополнително ја усложнува ситуацијата.
Двајца пожарникари загинале во регионот Ретимно, во западниот дел на Крит, откако останале заробени кога огнот ненадејно го променил правецот и брзо се проширил поради силните ветрови.
Пожарите избувнале на повеќе места и за кратко време зафатиле голема површина. Најголемиот огнен фронт се протегал на околу 15 километри, принудувајќи ги властите да наредат евакуација на неколку села.
Меѓу евакуираните места било и планинското село Крија Вриси, каде што загинале пожарникарите. Од домовите биле извлекувани и жители и туристи, додека пламените јазици се приближувале до населените места.
Жителката Криса Ѓукаки за Ројтерс опишала дека ветерот бил толку силен што во одредени моменти било тешко човек да остане на нозе.
„Пламените јазици беа огромни. Беше навистина страшно“, изјавила таа.
Трет пожарникар загинал на јужниот Пелопонез. Тој бил пронајден во несвест во близина на пристанишниот град Гитео, по што било констатирано дека починал.
Пожари биле регистрирани и на грчките острови Парос и Лезбос, како и во областа Трифилија, на грчкото копно.
Со сериозни пожари се соочува и јужна Турција. Поради пожар во покраината Мугла бил затворен главниот автопат што ги поврзува туристичките центри Фетије и Анталија.
Властите морале да евакуираат и дел од болница, откако огнот се доближил до објектот. Пожарникарските екипи се обидувале да го спречат ширењето на пожарот кон населените места и кон инфраструктурните објекти во регионот.
Во Шпанија, вниманието е насочено кон огромниот пожар во близина на Мадрид, кој според шпанските власти претставува еден од најсериозните пожари регистрирани во земјата.
Повеќе од 43.000 хектари земјиште изгореле во областа Бургохондо, во покраината Авила, околу 150 километри западно од главниот град. Вкупно, во текот на годината, пожарите во Шпанија зафатиле повеќе од 207.000 хектари.
Премиерот Педро Санчез предупредил дека наредните часови ќе бидат одлучувачки за целосно стабилизирање на пожарот. Иако состојбата на теренот се подобрувала, високите температури, ниската влажност и силните ветрови создавале опасност огнот повторно да се разгори.
Франциско Болањос, член на тимот што ги координира операциите, изјавил дека пожарот во текот на ноќта не напредувал, но дека пожарникарите мора да стабилизираат периметар долг околу 180 километри.
Тоа значи дека и покрај привидното смирување, потребно е постојано присуство на теренот. Само едно ново жариште, поттикнато од ветерот, може повторно да ја стави ситуацијата надвор од контрола.
Откако пожарите биле ставени под делумна контрола, властите им дозволиле на илјадници жители од областите Мадрид, Толедо, Авила и Кастелон да се вратат во своите домови.
Само во регионот на Мадрид, околу 24.000 луѓе добиле дозвола за враќање, додека ограничувањата биле укинати за уште околу 20.000 жители.
Меѓу оние што се вратиле биле и околу 1.000 жители на градовите Навас дел Реј и Чапинерија, западно од Мадрид. Дел од нив привремено биле сместени во градот Леганес, на југозападниот раб од шпанската престолнина.
Но, враќањето дома за многумина не значело и враќање во нормален живот.
Градоначалничката на Чапинерија, Лусија Моја, изјавила дека последиците се исклучително сериозни и дека голем број жители останале без своите домови и работни места.
„Враќањето на вистинскиот пат ќе биде тешка задача“, предупредила таа.
За околу 2.000 луѓе евакуирани од пожарите во долината Тиетар се грижеле волонтери во градот Талавера де ла Реина. Дел од евакуираните и понатаму не можеле да се вратат дома.
Еден пожар сè уште бил надвор од контрола во Вал д’Уишо, северозападно од Валенсија.
Опасноста не е помината ниту во југозападна Франција. Големите пожари во регионот Жиронд биле оценети како стабилизирани, но новите жаришта, сувите ветрови и температурите до 41 Целзиусов степен ги држат службите во состојба на зголемена готовност.
Градоначалничката на Ле Барп, Бландин Саразен, предупредила дека ситуацијата станува потешка и ги повикала жителите да бидат исклучително внимателни.
Нови пожари биле пријавени и во близина на Лантон, на источниот брег од Аркашонскиот Залив.
Жиронд и Ландите се меѓу 16 француски департмани во кои била прогласена портокалова тревога поради топлотниот бран.
Пожарникарските служби вовеле и посебни мерки за заштита на чувствителните индустриски локации во регионот, меѓу кои има објекти поврзани со француската одбранбена и воздухопловна индустрија.
Станува збор за таканаречени „Севезо“ локации – фабрики и постројки во кои се произведуваат или складираат опасни материјали, поради што евентуален пожар би можел да предизвика многу поголема катастрофа.
Пожарите продолжуваат и во соседна Португалија, особено во североисточниот округ Вила Реал.
Службите за цивилна заштита соопштиле дека во близина на градот Валпасос има активен огнен фронт долг околу еден километар.
Особено внимание е насочено кон постројката за пречистување вода и складиштето за гас во близина, кои би можеле да бидат загрозени доколку пожарот продолжи да се шири.
Пожарите што ја зафатија јужна Европа не се изолиран настан. Тие се дел од поширока слика во која летните топлотни бранови стануваат почести, подолги и поинтензивни.
Според Службата за климатски промени „Коперникус“, Европа е континентот што најбрзо се затоплува, со темпо приближно двојно поголемо од глобалниот просек.
Повисоките температури ја сушат почвата и вегетацијата, го зголемуваат притисокот врз водоснабдувањето и создаваат услови во кои мал пожар може за многу кратко време да прерасне во неконтролирана стихија.
За пожарникарите на теренот тоа значи борба во сè потешки услови – со високи температури, густ чад, силни ветрови и огнени фронтови кои ненадејно го менуваат правецот.
Трагедијата во Грција уште еднаш покажа колкава цена плаќаат луѓето што се наоѓаат на првата линија во таа борба. Додека пожарите продолжуваат да се појавуваат од Крит до Португалија, Европа влегува во уште еден период на екстремна жештина со стравување дека огнената сезона е далеку од завршена.
Аналитика








