
По десет дена неизвесност, гостиварци повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за капење, перење и за другите потреби во домаќинството. Но, најважната забрана останува: водата сè уште не смее да се пие, ниту да се користи за приготвување храна.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој раководи со Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи, соопшти дека повеќекратните лабораториски испитувања покажале оти водата ги исполнува условите за техничка употреба.
„Сè уште ги немаме потврдено согласностите и уверенијата дека водата може да се користи за пиење, ниту за подготвување храна“, нагласи Тошковски по состанокот на Управувачкиот комитет.
Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако беше утврдено сериозно микробиолошко загадување на водоводната мрежа. Според досегашните информации, во период од 22 дена во системот се внесувала вода загадена со фекални материи. Над 4.000 граѓани биле погодени од здравствените последици, на 19 јули била прогласена епидемија, а два дена подоцна Владата прогласила 30-дневна кризна состојба.
Надлежните во меѓувреме започнале со хиперхлорирање и дезинфекција на водоводната мрежа. Екипи од „Водовод и канализација“ – Скопје во текот на три последователни дена земале примероци од шест локации, и тоа од крајни корисници во различни делови на градот.
Раководителката на Секторот за санитарна контрола, Емилија Аневска, соопшти дека во сите испитани примероци било утврдено отсуство на колиформни бактерии. И покрај употребата на повисока концентрација на хлор, анализите не покажале присуство на трихалометани над дозволените граници.
Овие резултати се првиот посериозен сигнал дека состојбата се движи кон нормализирање, но сè уште не се доволни за водата да биде прогласена за целосно безбедна за консумирање.
Во наредните денови ќе се зголеми бројот на мерни места, а примероците ќе се анализираат според сите параметри предвидени со Правилникот за вода за пиење. Дури по континуирана серија исправни резултати и обезбедување стабилен процес на дезинфекција ќе може да се даде одобрение водата повторно да се пие.
Претходните анализи покажаа исклучително високо ниво на загадување. Во еден од примероците биле измерени 2.419,6 единици колиформни бактерии на 100 милилитри вода, при максимално дозволени 50. Во водата од каптираниот извор биле измерени 39 единици, иако референтната вредност треба да биде нула.
Аневска посочи дека гостиварското јавно претпријатие се соочува и со проблеми во обезбедувањето континуирана дезинфекција на системот. Екипите од Скопје ќе продолжат со стручна поддршка сè додека процесот не се стабилизира и вредностите не останат во нормалните граници.
До тогаш, за граѓаните ќе продолжи обезбедувањето флаширана вода. Тошковски изрази надеж дека во најкус можен рок ќе бидат создадени услови водата повторно да се користи и за пиење, но не посочи точен датум.
Од Општина Гостивар соопштија дека состојбата постепено се нормализира и дека локалниот и централниот кризен штаб ги спроведуваат мерките предвидени со планот за санација.
Во однос на прашањето кој треба да ја обезбедува и контролира водоводната инфраструктура, Тошковски истакна дека тоа не е задача на Армијата и полицијата, туку законска обврска на локалните институции и јавните претпријатија.
За гостиварци, најважната порака засега е едноставна: водата може да се користи за лична хигиена и за домаќинството, но не смее да заврши во чаша, кафе, супа или храна сè додека надлежните официјално не ја укинат забраната.
Аналитика








