Смоки, чоколада, кекси, вафли, бонбони, крем-банани, солени грицки и слатки што со децении се дел од домашните навики. Македонската кондиторска индустрија е дејност што речиси секојдневно е присутна во маркетите, маалските продавници, училишните ужини, семејните трпези и извозните камиони што тргнуваат кон регионалните и странските пазари.
Но, зад познатите брендови и производи стои бизнис во кој бројките за 2025 година покажуваат интересен пресврт: приходите растат, но добивките паѓаат.
Анализата на Пари, врз основа на податоци од Бизнис Мрежа, покажува дека кај 41 компанија од кондиторската индустрија во 2025 година вкупниот приход достигнал 196,6 милиони евра, што е раст од 14,46 насто во однос на 2024 година, кога изнесувал 171,8 милиони евра.
Но, профитот не ја следи истата линија. Вкупната добивка во секторот во 2025 година изнесувала 5,7 милиони евра, наспроти 6,9 милиони евра во 2024 година. Тоа е пад од 17,53 насто.
Со други зборови, кондиторските компании продале повеќе, направиле поголем промет, но на крајот задржале помалку добивка.
ВИТАМИНКА УБЕДЛИВО Е НА ВРВОТ, А ПРИМА ФУД ИМА НАЈГОЛЕМ СКОК
Кога се гледаат приходите, сликата е јасна: Витаминка од Прилеп е убедливо најголемиот играч во кондиторската индустрија.
Компанијата во 2025 година остварила приход од 77,3 милиони евра, што е раст од 26,74 насто во однос на 2024 година, кога приходот изнесувал 61 милион евра. Тоа значи дека само Витаминка учествува со речиси 40 насто во вкупниот приход на сите компании од оваа анализа.
Оваа позиција не е случајна. Витаминка е еден од најпрепознатливите македонски производители, со долга традиција и производи што со години се дел од секојдневието на потрошувачите – од „Стоби флипс“, преку „Цевитана“, до широката палета на солени и слатки производи. Компанијата одамна не е само прилепска фабрика, туку еден од најсилните домашни брендови во прехранбената индустрија.
На второто место е Макпрогрес од Виница, со приход од 41,4 милиони евра и раст од 15,45 насто. Компанијата е позната како производител што од семеен бизнис прерасна во значаен извозно ориентиран играч, со брендови што се продаваат и надвор од Македонија. Макпрогрес останува еден од столбовите на домашната кондиторска индустрија и најсилен конкурент на Витаминка по обем на приходот.
Трета компанија по висина на приходот е Свисслион-Агроплод од Ресен, со 15,7 милиони евра, но со пад од 7,42 насто во однос на 2024 година.
Веднаш зад неа е Европа-Скопје, со приход од 15,4 милиони евра и пад од 2,61 насто. Иако не е меѓу првите две по промет, Европа останува еден од најстарите и најпознати кондиторски брендови во земјава. Крем-банани, бонбониери, чоколадни производи и други слатки производи ја одржуваат компанијата меѓу првите пет во индустријата.
Петта е Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион од Битола, со приход од 15,3 милиони евра и силен раст од 23,61 насто. Ова е една од компаниите што најмногу ја подобриле позицијата по приход и покажува дека во секторот има простор за брз раст и надвор од традиционално најпознатите брендови.
Лион од Свети Николе остварил приход од 11,7 милиони евра, со раст од 12,22 насто, додека Стел Импекс од Штип има 8,2 милиони евра приход, но бележи пад од 8,55 насто.
Во првата десетка се и Европа ДООЕЛ Штип, со 3,6 милиони евра приход и пад од 11,72 насто, Прима Фуд од Илинден, со 1,8 милиони евра приход и огромен раст од 102,45 насто, како и Росал-ДС од Неготино, со 854 илјади евра приход и раст од 22,45 насто.
Најголемиот раст кај приходите е токму кај Прима Фуд. Компанијата за една година го удвоила приходот, од 900 илјади евра на 1,8 милиони евра, што ја прави најдинамичната компанија во оваа листа по процентуален раст.
Во десетте најголеми компании по приход во 2025 година се свртеле околу 191,3 милиони евра. Тоа значи дека тие носат повеќе од 97 насто од вкупниот приход на сите компании опфатени во анализата.
Извор: Бизнис Мрежа
КОИ КОМПАНИИ ОСТВАРУВААТ МИЛИОНСКИ ПРОФИТИ?
На врвот по добивка во 2025 година е Макпрогрес од Виница, со профит од 2,1 милион евра. Иако компанијата бележи пад на добивката од 8,37 насто во однос на 2024 година, кога заработила 2,3 милиони евра, таа сепак останува најпрофитабилна во секторот.
На второ место по добивка е Стел Импекс од Штип, со 1 милион евра профит. Кај оваа компанија има пад од 20,34 насто во однос на 2024 година, кога добивката изнесувала 1,3 милиони евра. И покрај намалувањето, Стел Импекс останува меѓу најпрофитабилните компании во кондиторската индустрија.
Третото место го држи Европа-Скопје, со добивка од 702,6 илјади евра. Ова е едно од најинтересните поместувања во анализата, бидејќи добивката на компанијата пораснала за 126,35 насто во однос на 2024 година, кога изнесувала 310,4 илјади евра. Иако приходот ѝ е намален, Европа успеала значително да ја зголеми заработката.
Витаминка, иако убедливо прва по приход, е четврта по добивка. Компанијата во 2025 година остварила профит од 619,1 илјада евра, што е пад од 42,21 насто во однос на 2024 година, кога добивката изнесувала 1,1 милион евра.
Петта по добивка е Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион од Битола, со 501,9 илјади евра. Кај оваа компанија има најголем раст на профитот меѓу најголемите компании – дури 230,28 насто. Добивката пораснала од 152 илјади евра на 501,9 илјади евра, што ја прави една од најдинамичните компании и по приход, и по заработка.
Свисслион-Агроплод од Ресен направил профит од 145,9 илјади евра, но бележи силен пад од 77,55 насто. Ова е еден од најголемите падови во профитабилноста кај топ 10-те компании и покажува дека и покрај значителниот обем на приходот, профитот се намалил многу посилно од продажбата.

Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








