ПОВЕЌЕ

    ДО СОЛУН ЗА СААТ ИПОЛ СО ВОЗ: Брзата пруга од Коридорот 10 ќе биде готова за пет години и ќе го смени целиот регион, порача Николоски од самитот во Солун

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија почнува со изградба на брзата пруга на македонскиот дел од Коридорот 10, проект што ќе ја промени реалноста во регионот и за превоз на патници и стока, рече заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, што се одржува денеска во Солун.

    Николоски, во дискусијата на панелот „Остварување на проширувањето на ТЕН-Т: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“, потенцира дека Коридорот 10 е најважниот економски коридор во Европа. Самитот, оцени, е порака дека Коридорот 10 ќе го градат сите земји на кои им припаѓа и ќе стане економски најзначаен во Европа, објави МИА.

    Овој самит е порака дека Коридорот 10 ќе го градат сите земји на коишто им припаѓа и ќе стане економски најзначаен коридор во Европа, напиша Николоски на својот Фејсбук профил.

    Според Николоски, брзата пруга од Коридорот 10 ќе ја поврзе Европа целосно, од пристаништето Пиреа во Атина, па сè до Хелсинки во Финска, а доколку се користи паметно, може целосно да ја смени економијата во Југоисточна и Централна Европа. “Ако бродовите се закотват овде во Солун или во пристаништето Пиреа во Атина, тоа е за 21 до 22 дена пократко отколку закотвувањето во Хамбург, Антверпен или каде било во северните пристаништа. Единствената причина зошто ова не се случува толку многу и толку често е затоа што е потребна поддршка, особено за железничката инфраструктура. И тука почетокот е добар. Веќе има брза железница меѓу Атина и Солун. Белград – Будимпешта е веќе завршена. Нашите колеги од Србија работат на делницата Белград – Ниш. Она што недостига е делот меѓу Ниш, Скопје и Солун. Од наша страна почнавме многу амбициозна програма – изградба на брза железница на целиот Коридор 10, од границата со Србија до границата со Грција“, рече Николоски.

    Брзата железница, која е планирано да биде завршена за пет години, подразбира за патничкиот сообраќај возовите да се движат со брзина од 160 до 200 километри на час, а за карго или товарен сообраќај со 120 километри на час. Според Николоски, проектот ќе чини најмалку 2 милијарди евра. Финансирањето е обезбедено преку договорот за стратешко партнерство, што го потпишавме со Обединетото Кралство. „Условите се многу поволни, што значи дека почнуваме оваа есен и мислам дека за не повеќе од 5 години ќе има брза железница, која ќе можеме да ја користиме за карго, но и за патници“, рече Николоски

    Реализацијата на овој проект се очекува комплетно да го смени регионот. „Скопје – Солун ќе се патува за 1 час и 25 минути. Буквално, луѓето би можеле да дојдат овде на ручек и да се вратат дома. Скопје – Белград ќе биде 2 и пол часа, така што тоа е целосно, целосно поинаква реалност. И товарен воз од Атина ќе биде во Виена за помалку од 24 часа, а од Солун до Будимпешта за 12 до 14 часа, што е целосна промена на реалноста“, рече Николоски.

     

    (Фото: Фејсбук профил на А.Николоски)
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично