Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против повеќе физички и едно правно лице, во случај поврзан со јавна набавка во Царинската управа, за која постојат сомневања дека била наместена за однапред избран понудувач.
Според информации од истрагата, за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, се бара притвор, а тој се сомничи дека примил мито во износ од над 111.000 денари. Меѓу опфатените е и поранешен помошник-директор во институцијата, како и лица поврзани со фирмата која го добила тендерот.
Сомневањата се однесуваат на тендер за надворешно одржување хигиена на гранични премини и царински терминали, спроведуван во периодот од јули 2023 до март 2024 година.
Истражните органи тврдат дека тендерската документација била изработена со ограничувачки критериуми, со цел да се фаворизира конкретен понудувач. Дополнително, според пријавата, имало и притисоци врз потенцијални учесници да се откажат од постапката, со што бил намален степенот на конкуренција.
Во предметот се опишуваат и сомнежи за коруптивни дејствија, при што едно од лицата го користело своето влијание за посредување кај раководството на Царинската управа, додека претставници на фирмата наводно давале или ветувале корист за да обезбедат поволен исход.
Финансиската полиција наведува дека се опфатени повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на постапка за јавна набавка, примање и давање поткуп и примање награда за противзаконито постапување, со што е овозможена противправна имотна корист од околу 18,5 милиони денари.
Од Обвинителството најавуваат дека истрагата продолжува, а случајот се разгледува и за натамошни мерки во повеќе насоки.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес посочи дека станува збор за предмет во кој се опфатени повеќе лица поврзани со поранешното раководство на Царинската управа.
„Се работи за лице кое било поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во овој случај на Царинската управа. Се работи за неколку вработени во рамките на оваа институција и за лице кое беше многу близок до претходната влада и беше лице кое често ги олеснуваше овие, условно кажано, дејствија кои се исполнети со многу незаконитости. Или, едноставно кажано, посредник“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека ова не е единствениот случај што се истражува и дека во наредниот период се очекуваат слични постапки и во други институции, врз основа на ревизорски извештаи во кои биле констатирани индиции за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Аналитика








