ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I СТЕФАН ГЕОРГИЕВ: Извозот од 15,5 милиони евра е заеднички успех на Лидл и македонските компании

    Време зa читање: 8 минути

    Македонските производи преку Лидл добија пристап до поголеми пазари, покажувајќи дека имаат реална конкурентска вредност и можат да ги исполнат строгите европски, но и уште построгите стандарди на германската компанија. Потврда за тоа е минатогодишниот извоз преку мрежата на Лидл, кој за 50 насто ја надмина првичната проекција. Во интервјуто за Пари, комерцијалниот директор на „Лидл Северна Македонија“, Стефан Георгиев, вели дека целта е долгорочна и одржлива соработка со додадена вредност и за националната економија.

    Пари: „Лидл Северна Македонија“ објави дека извозот на македонски производи на странските пазари преку компанијата минатата година достигнал 15,5 милиони евра, надминувајќи ги првичните очекувања дека ќе изнесува 10 милиони евра. На што се должи ваквиот успех?

    Георгиев: Би рекол дека е заеднички успех. Лидл може да им овозможи пристап на домашните компании до големите пазари, дури и до оние на кои тие не очекуваа дека ќе успеат да се пробијат. Практично, Лидл е моторот што им помага на домашните производители да обезбедат влез на тие пазари. Тоа се постигнува преку значајната поддршка што ние им ја даваме во поглед на исполнувањето на бараните строги стандарди и сертификати како што се International Featured Standard (IFS), Global G.A.P. и GRASP. Клучниот фактор секогаш е квалитетот на самите производи, како и капацитетот на компаниите да одговорат на високите барања. Фактот дека во 2025 година извозот од Македонија преку мрежата на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е за 50 насто над првичната проекција од 10 милиони евра, доволно говори дека македонските производи имаат реална конкурентна вредност и можат да ги исполнат строгите европски стандарди, но и стандардите на Лидл, кои често се и построги. Тоа покажува дека овие производители се подготвени да се прилагодат на високите барања од странските купувачи и да ги направат потребните инвестиции во таа насока. За нашата компанија, пак, ова е потврда дека нашата стратегија за поддршка на домашните добавувачи дава резултати. Притоа, сите овие процеси немаат за цел да се постигне краткорочен извозен бран, туку позиционирањето на македонските производи на европските пазари да биде одржливо и долгорочно.

    Пари: Кои наши производи најдобро поминаа кај странските купувачи и дали можете да ни дадете некои примери како тие успеаја да ги освојат пребирливите купувачи што се навикнати на квалитетот на асортиманот што се нуди во маркетите на Лидл?

    Георгиев: Најдобар пласман, а и најголем интерес имаше за производите што во Македонија имаат препознатлив квалитет и долгогодишна традиција. Во тој контекст би ги издвоил свежото овошје и зеленчукот, чиј извоз лани достигна износ од 5 милиони евра, потоа јагнешкото месо, кое донесе прилив од 2,2 милиони евра, но и конзервираните и кондиторските производи, виното и млечните производи, кои во вкупниот износ од 15,5 милиони евра остварен минатата година учествуваа со удел од 7 милиони евра. Овие бројки потврдуваат дека производителите успеале да обезбедат стабилен квалитет и сигурна испорака, како и тоа дека ги почитуваат договорените стандарди и рокови.

    Како дел од програмата за извоз, ние правиме и промоција на македонските производи во маркетите на Лидл во други земји преку иницијативата „Македонска недела“. Во 2025 година, преку оваа иницијатива беа извезени производи во вредност од 1,3 милиони евра. Во претходните две години организиравме 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.

    Со овие промоции на странските купувачи им ги доближуваме автентичните македонски производи и во многу случаи наидуваме на голем интерес, со тоа што речиси сите планирани количини се продаваат уште во првите денови од „Македонската недела“.

    Тука би додал дека покрај прехранбени производи, соработуваме и со компании од земјава за други производи, како што беше и неодамнешната соработка со Алкалоид за извоз на брендот бекутан. Помогнавме овој познат македонски бренд да стигне до полиците на Лидл низ цела Франција, а тоа е продажна мрежа од над 1.600 маркети. Исто така, помогнавме за извоз на бебешки шампон и гел за туширање бекутан во Латвија и Литванија, а отворени сме за поддршка на извозот на овие и други производи и за други пазари каде што е присутен Лидл, што само го покажува потенцијалот за соработка со македонските компании што го имаме како дел од европската мрежа.

    Пари: Кои стандарди македонските производители мораа, а секако дека ќе мораат и во иднина да ги исполнуваат за да им бидат отворени вратите на странските пребирливи пазари и како Лидл им помага на овие домашни компании?

    Георгиев: Првичниот предуслов за соработка со Лидл е производителите да поседуваат соодветни сертификати, какви што се Global G.A.P. и IFS, меѓународно признати сертификати за безбедност и квалитет на храната. Пред влезот на Лидл во земјава, само десетина македонски компании коишто се извозно ориентирани го исполнуваа овој критериум, а денес тој број е значително зголемен, со очекување до крајот на оваа година да има 50 IFS сертифицирани производители и 45 производители со сертификат Global G.A.P. Но, сертификацијата за Лидл е само почетна основа, бидејќи ние како компанија применуваме сопствени стандарди, кои се построги и од меѓународните.

    Иако имаме строги и високи критериуми и контроли, ние активно работиме и на поддршка на производителите, преку помош во процесите на сертификација, потоа консултации, споделување знаења и искуства, а во одредени случаи и поддршка при вложувања во складишни капацитети, логистички капацитети и капацитети за пакување. Преку соработка со германската и швајцарската амбасада го работиме проектот „Подготвени снабдувачи“ (Fit for Supply) и им помагаме на македонски компании да се стекнат со сертификати, при што тие не само што ќе можат да ги пласираат производите за Лидл на македонскиот пазар, туку ќе можат да изградат и долгорочен извозен потенцијал.

    Пари: Какви се повратните информации од македонските производители што веќе соработуваат со Лидл?

    Георгиев: Станува збор за позитивни искуства. За голем дел од нив соработката со Лидл претставуваше прв реален чекор кон извоз на поголеми, структурирани пазари, до кои претходно немале пристап. Сега од Македонија извезуваат околу 60 производители, а извозот почна со 8-9 компании. Тие првично извезуваа во Србија, но потоа извозот се прошири и во други земји, како што се Бугарија, Полска, Словенија, Србија итн.

    Многу важно за производителите е што тие со овие пласмани имаат голема предвидливост, која може да се смета за една од најголемите предности, во смисла дека однапред се знаат бараните стандарди, потребните количини, како и динамиката на испорака. Во такви околности компаниите можат да ги планираат своите претстојни инвестиции, да го оптимизираат производството и, се разбира, да обезбедат стабилен раст. За нас е важно оваа соработка да биде долгорочна и одржлива, со јасна додадена вредност не само за Лидл, туку и за производителите и за националната економија.

    Пари: Најголем дел од производите што се продаваат во вашите маркети се всушност сопствени марки на Лидл. Би можеле ли да ни откриете како се создаваат тие сопствени марки и колкав период е потребен да се дојде до еден таков препознатлив бренд?

    Георгиев: Сопствените марки опфаќаат дури 90 насто од асортиманот што се нуди во нашите продавници, тие се практично срцето на нашиот бизнис-модел. Нивното создавање воопшто не е брз процес, туку нешто што внимателно се планира и подготвува. Станува збор за производи со висок квалитет, но се внимава сето тоа да се создава на одржлив начин. Во создавањето на сопствените марки работиме со голем број компании од целиот свет, но и во тој процес целта ни е да вклучиме што повеќе локални добавувачи. Нашите сопствени марки се создаваат во период од 6 до 12 месеци. Сѐ започнува со разговори, од кои се раѓа идеја што произлегува или од потребите на пазарот, или од потребата за промени кај веќе постоечки производ. Потоа се идентификува потенцијалот на таа идеја, па околу неа се преговара подолг период, и кога сето тоа ќе созрее, се преминува на финалниот процес. Се развива рецептот на тој производ, усогласување со нашите строги стандарди за квалитет, потоа избор на соодветни суровини, тестирања, сертификација, и на крајот е склучувањето на договорите со производителите.

    Нашиот фокус е ставен на оптималниот сооднос меѓу цената и квалитетот, и Лидл на потрошувачите им нуди најповолна цена за најдобар квалитет. Овој модел го постигнуваме преку високоефикасни процеси, внимателно селектиран асортиман, како и доминација на сопствените марки, што ни овозможува целосна контрола врз квалитетот, безбедноста и ценовната стабилност. Така што, ние не ја гледаме цената како изолирана категорија, туку во комбинација со одржување на довербата од потрошувачите на кои квалитетот на нашата понуда, безбедноста на производите, како и нашата долгорочна репутација им се особено важни.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично