Месечните примања кои „не стигнуваат од први до први“ се главната причина за работничкиот протест што ќе се одржи денес, предводен од Сојузот на синдикатите на Македонија. Под мотото „28-ми јануари е денот кога работниците зборуваат“, уште еднаш ќе се повторат барањата за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, преку раст на минималната плата на најмалку 600 евра. За две години без раст на платите, работниците реално осиромашиле за околу 9.500 денари, колку што пораснала вредноста на синдикалната минимална кошница, нагласуваат од ССМ и посочуваат дека околу 200.000 вработени примаат плата под 30.000 денари, што ја продлабочува сиромаштијата и го поттикнува иселувањето.
„Овој протест е за вашите плати… Овој протест е против неправдата, затоа што тие земаат 10 пати поголема плата од вашата. Овој протест е поради тоа што тие за себе обезбедуваат 250 евра зголемување на нивните плати, а за вас ниту 25 евра.
Овој протест е за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство.
Овој протест е против игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија да ги зголемат вашите работнички плати онака како што заслужувате и како што барате.
Овој протест е за зголемување на сите плати на работниците за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра“, истакна претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повикувајќи ги работниците на масовност.
Од ССМ порачуваат дека протестот е реакција на долгогодишното игнорирање на барањата за зголемување на платите и на тешката економска состојба во која се наоѓаат голем дел од работниците.
„Ве повикувам сите и синдикалци и работници, но и пензионери кои земате пензии исто така од работничките плати, од придонесите кои ние ги плаќаме од нив, да ни се придружите затоа што само во јануари сте посиромашни за 1.000 денари“, нагласи Трендафилов.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека најавениот протест има политичка позадина, а не суштинска борба за повисоки плати. Во гостување на ТВ21, тој истакна дека Владата нема ништо против растот на платите, но смета дека дел од синдикалното раководство е „политички заробено“.
„Апсолутно не станува збор за никакви права на работниците, не станува збор за било што коешто е поврзано со повисоки плати на работниците, туку станува збор за синдикално барање кое е заробено од политиката и одредени политичари од опозицијата“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека Владата им понудила на репрезентативните синдикати зголемување на платите на административните службеници за 8 проценти годишно што, спред него, би значело реален раст од околу 40 проценти за четири години, но понудата била одбиена.
Протест ќе започне во 17 часот пред Работничкиот дом, а работничкиот марш ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред Владата.
„Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците за да не ве препознае никој доколку Ви се закануваат. Запомнете дека не треба на никој да му се плашите, затоа што на никој не му должите апсолутно ништо, туку напротив, им должите само на вашите семејства да живеете сите заедно пристоен живот“, повика Трендафилов.
На протестот се очекува да се приклучат синдикати од повеќе сектори, меѓу кои образованието, културата, медиумите, индустријата, трговијата и полицијата.
Аналитика








