ПОВЕЌЕ

    За 8 години имаме 162.460 помалку работоспособни граѓани

    Време зa читање: 4 минути

    Опаѓањето на наталитетот и иселувањето на нaселението се огледува и во бројките за работоспособно и активно население што ги објавува Државниот завод за статистика. Според последниот податок, во третиот квартал од годинава имало 1.517.475 луѓе во групата работоспособно население, што е за 162.460 помалку од пред осум години, за кога ДЗС дава најрани податоци. Работоспособно население се смета населението над 15 години коешто има работна способност.

    Се намалило и активното население, кое статистички е збир на вработените и невработените од 15 до 89 години, според Анкетата за работна сила, чиишто податоци ги анализира порталот Пари. Притоа, под вработени се сметаат не само оние што се во редовен работен однос со социјално осигурување, туку и други што работеле барем еден час во анкетираната недела, без разлика дали за пари или во натура. Како невработени се сметаат тие што не работеле во таа недела, но претходно барале работа и се расположливи за работа ако таа им се укаже во наредните недели. Во третиот квартал активното население го сочинувале 796.930 луѓе, а во 2017 година имало 954.212.

    Бројот на вработени е за 40.000 помалку, но сепак, овој податок не е целосно споредлив затоа што, како што објаснува Државниот завод за статистика, до 2022 година, вработени се лица на возраст од 15 до 79 години, а од 2023 година тоа се лица на возраст од 15 до 89 години. Последните податоци зборуваат за 705.165 вработени по сите основи. Во 2017 година биле евидентирани 740.648 вработени.

    Најдраматична разлика има кај податоците за невработените. Пред осум години имало 213.564 невработени, а сега 91.765.

    Што и да се случува на пазарот на труд, последнава деценија има околу 700.000 неактивни луѓе. Овде се зема предвид целото население над 15 години коешто ниту работи, ниту бара работа. Секако, дел од нив се згрижени, односно се пензионери, а тука има и ученици и студенти.

    Извор: Државен завод за статистика

    ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ 94.729 ЛУЃЕ АКТИВНО БАРААТ РАБОТА

    За работа, пак, во Агенцијата за вработување во октомври се евидентирани 94.729 активни баратели на работа. Има и такви што се пријавуваат само за одредени бенифиции, класифицирани како други лица кои бараат работа, а ги има 43.175.

    Иако бројот на огласи за вработување е далеку помал од овој „резервоар за работа“, односно обично има меѓу 7.000 и 10.000 слободни места, сепак, работници не може да се најдат.

    Податоците покажуваат дека околу 60 насто од тие што се пријавуваат дека бараат работа се без образование, или со основно образование! Нивниот број во октомври бил 55.404. Невработени со средно образование има 22.460, а со факултет 5.598. Интересен е податокот дека има и 529 невработени магистри, како и 23 доктори на науки.

    Работодавачите постојано се жалат дека нема стручен и квалификуван кадар да одговори на работните задачи.

    ПРИРОДНИОТ ПРИРАСТ Е ВО НЕГАТИВА

    До работна сила тешко ќе се доаѓа и во иднина, ако се суди по демографските трендови. Негативен природен прираст, односно помал број на живородени деца во однос на умрената популација, веќе не е вест. Последните податоци за третиот квартал кажуваат дека разликата е во негатива за 418 лица. Во 2017 година природниот прираст изнесува 1.043 луѓе, што значи дека бројот на живородените деца е поголем за толку лица од бројот на умрените.

    И сите други податоци го отсликуваат влошувањето. Има пад на бројот на живородени за 24,5 насто, а се склучувале и помалку бракови, но затоа се зголемил бројот на разводите.

    Извор: Државен завод за статистика

    Пазарот на работна сила е тема и во сите европски земји, па и во нашето опкружување. Ова е комплексно прашање што почнува од демографска стратегија, преку образование, создавање предуслови за поголема продуктивност, кариерен напредок и повисоки плати.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично