ПОВЕЌЕ

    ИЗГОРЕНИОТ СИМБОЛ НА ЗАГРЕБ: Вјесник пред итно уривање, конструкцијата е драматично нарушена

    Време зa читање: 3 минути

    По минатонеделниот пожар што ја проголта зградата на „Вјесник“, Загреб деновиве живее под сенката на едно прашање: дали некогашниот симбол на градската модернистичка архитектура има иднина, или неговото време неповратно завршило. Додека чадот од трагедијата сè уште не е сосема развеан, инженерите, институциите и граѓаните го очекуваат последниот збор – извештајот што ќе пресуди дали облакодерот ќе се обновува или ќе исчезне од панорамата на градот.

    Првичните увидувања не оставаат многу простор за оптимизам. Градежниот инженер Јурај Појатина од Хрватскиот центар за сеизмичко инженерство објасни дека состојбата на конструкцијата е драматично нарушена. Според него, статиката на објектот е „исклучително загрозена“, а најкритични се столбовите што по пожарот останале „голи“ и изложени на надворешни влијанија. Тие елементи, веќе сериозно оштетени од огнот, сега го впиваат дождот и влагата, што предизвикува дополнителни хемиски реакции во бетонот. Таквата деградација не само што ја намалува цврстината на материјалот, туку и ја поткопува стабилноста на целата конструкција, оставајќи ја зградата во состојба на постојан ризик.

    Оценките на стручњаците се движат во ист правец: колку подолго стои ваква оголена конструкција, толку е поголем ризикот од спонтано уривање. Затоа голем дел од експертите, меѓу кои и инженерот Марио Урош, предупредуваат дека отстранувањето на зградата станува итна и неизбежна мерка. Министерот за просторно планирање Бранко Бачиќ најави дека, по добивањето на конечниот извештај, ќе се започне со изработка на проект за уривање, по што ќе следува јавна набавка и самиот процес на отстранување на објектот.

    Пожарот не донесе само материјална штета и небезбедна конструкција, туку и сериозно го наруши секојдневието на жителите на Загреб. Затворените сообраќајни правци околу Вјесник веднаш создадоа метежи, особено на Славонска авенија. Градските служби веќе започнаа со подигнување привремена сообраќајна премосница со две ленти во секоја насока, која треба да обезбеди барем делумно олеснување во наредните десетина дена. Раководителот на градскиот сообраќајен уред, Андро Павуна, најави дека овој привремен коридор ќе овозможи враќање на околу две третини од вообичаениот проток исток–запад, но по цена на ограничувања кај левите свртувања и пр перенасочување на сообраќајот кон соседните раскрсници. Промените ги зафатија и линиите на јавниот превоз, па така автобуската линија 107 добива приоритетно поминување со полициска асистенција до стабилизирање на состојбата.

    Паралелно со сообраќајните проблеми и инженерските анализи, се отворија и правните прашања. Двајцата млади осомничени за подметнување на пожарот се соочуваат со затворска казна од една до десет години, но правниците предупредуваат дека нивната возраст може да влијае врз висината на пресудата. Многу помалку неизвесна е обврската за надомест на штетата, комплексна и долготрајна постапка, која, според експертите, најверојатно ќе се пресели во парнична процедура каде што ќе се утврдува висината на штетата и можноста таа да се наплати.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично