ПОВЕЌЕ

    Домашните банки напредуваат – Расте активата, расте и регионалниот пласман

    Време зa читање: 6 минути

    Шест македонски банки повторно се меѓу стоте најголеми банки во Југоисточна Европа, но на повисоки позиции, обезбедени од растот на нивните активи. И овојпат, на рангирањето за 2024 година, најдобро пласиран македонски репрезент е Комерцијална банка. Листата на SeeNews, исто како и претходно, ја предводи романската Банка Трансилванија. Меѓу најголемите десет банки во Регионот четири се од Романија, три од Бугарија, две од Хрватска и една од Словенија. Всушност, тоа е истата постава како и при рангирањето за 2023 година. Единствената разлика е во сменетите позиции – на четвртото место е романската CEC Bank SA (лани петта), а на петтото место е бугарската United Bulgarian Bank AD (лани четврта).

    На листата има три нови банки. Меѓу нив е и новиот сопственик на Стопанска банка Битола – српската ALTA Banka AD. Со активата од 1,04 милијарди евра и растот од 52,28 насто, се наоѓа на 89-то место, а 2024 година ја завршила со профит од 13,7 милиони евра.

    За првпат се рангирани и хрватската KentBank (98) со актива од 824 милиони евра (+ 13,19 %) и ZiraatBank BH од Босна и Херцеговина (99), чии вкупни средства изнесуваат 811 милиони евра (+ 11,46 %).

    Во првата половина од листата Македонија и натаму е застапена само со најголемата и најстара банка. НЛБ банка е на 51-та позиција, па може да се очекува дека во наредното рангирање ќе го мине прагот.

    Генерално, климата во Регионот е поволна за банкарската дејност, според податоците застапени во листата на SeeNews што ги анализира Пари. Во прилог на тоа – од 100 банки, само девет забележале пад на активата.

    И на нашиот простор условите се стимулативни за раст и развој на домашните банки. Еве како и зошто се позиционирани на ТОП 100 листата.

    Активата од над 2,9 милијарди евра, проследена со годишното зголемување од 9,17 насто, за Комерцијална банка претставува прескокнување на четири скалила, од 45. на 41. место. Освен тоа, со ланските 80,1 милион евра е меѓу 30-те најпрофитабилни банки од оваа листа.

    Стопанска банка Скопје го подобрила пласманот за едно место, од 50. преминала на 49. место. Има актива од 2,34 милијарди евра и зголемување од 9,63 насто.

    Вкупните средства на НЛБ банка на крајот од 2024 година изнесувале 2,16 милијарди евра, откако претходно нараснале за 13,42 насто, што е сосем доволно за истапување од три места.

    Од македонските банки, од аспект на прекланската и ланската позиционираност, најголем е исчекорот на Халк банка. Рангирана е на 56., а била на 62. место. Тоа е резултат на зголемувањето од безмалку 16 насто кај активата, која достигнала износ од 1,85 милијарди евра.

    За три места напредувала и Шпаркасе банка, од 64. на 61. позиција. Располага со средства во вкупен обем од 1,73 милијарди евра, со годишна промена од речиси 13,2 насто.

    Веќе втора година на оваа листа е и Прокредит банка, чија актива е 856 милиони евра, со раст од 4,5 насто. Преклани беше на 98., а сега се наоѓа на 96. место.

    Најголемата банка во ЈИЕ, романската Banca Transilvania, е на убедливо растојание пред сите други што следат по неа. Годината ја заокружила со вкупни средства од над 37 милијарди евра, зголемени за 13,9 насто. Притоа, бележи и голем раст на добивката – од прекланските 500,7 на 710 милиони евра лани.

    И второрангираната банка е од Романија. Banca Comerciala Romana го задржала второто место со активата од 24,26 милијарди евра, која за една година нараснала за 11,73 насто. Има добивка од 559,2 милиони евра.

    Меѓу првите 10 повторно се и романските CEC Bank (4) со 19,95 милијарди евра и BRD – Groupe Societe Generale SA (8) со актива од 17,27 милијарди евра.

    Всушност, Романија е доминантна на листата со 17 банки.

    Нема промени ни кај хрватските најголеми банки, кои се на третото и на деветтото место. Zagrebacka Banka има актива од 21,17 милијарди евра (+ 3,92 %), а Privredna Banka Zagreb од 16,99 милијарди евра (+ 5,18 %). На листата топ сто има девет банки од Хрватска.

    Наредните три позиции ги држат банки од Бугарија. Петта е United Bulgarian Bank, чии вкупни средства пораснале за 10,05 насто и достигнале 19,15 милијарди евра. Шеста, со 18,64 милијарди евра (+ 11,25 %) е DSK Bank EAD, а седма UniCredit Bulbank со 17,84 милијарди евра (+ 8,63 %). Од оваа држава, на листата има вкупно 16 банки.

    Ударната десетка завршува со Nova Ljubljanska Banka. Годишниот раст е од шест насто, а вкупните средства изнесуваат 16,97 милијарди евра. Уште осум банки од Словенија се на листата SeeNews. Со актива од над десет милијарди евра е 14-то рангираната OTP Banka (14,91 милијарда евра и пад од 3,02 %).

    Србија е претставена со 13 банки, а најголема е Banca Intesa AD Serbia со актива од 8,8 милијарди евра и раст од 11,15 насто. Се наоѓа на 17. позиција.

    Осум банки се од Албанија. Нивното рангирање почнува од 27. место. Таму е Banka Kombetare Tregtare Sh.a., чија актива, по зголемувањето од 5,86 насто, достигнала 5,2 милијарди евра.

    Подолу на листата, од 40. место па натаму, се пласирани Moldova Agroindbank SA (3 милијарди евра и + 14,39 %) и три други банки од Молдавија, чии активи, за споредба, се помали од трите македонски најголеми банки.

    Првата од деветте банки на Босна и ХерцеговинаRaiffeisen Bank d.d. Sarajevo е 42. место. Местото го обезбедува со актива од 2,9 милијарди евра, зголемена за 9,2 насто.

    Најдобро рангираната, односно најголемата банка од Црна Гора е Crnogorska Komercijalna Banka. Располага со 1,89 милијарди евра (+ 9,22 %). Го подобрила пласманот за четири места и сега е на 53. позиција. На листата има вкупно четири банки од оваа држава.

    Косово е застапено со пет големи банки. Најголема е активата на Raiffeisen Bank Kosovo Sh.a. од 1,56 милијарди евра и позитивна годишна промена од 9,84 насто. Го зазема 67. место.

    Раст на активата е забележлив кај 91 банка. Но, само три се со зголемување од над 20 насто. Меѓу нив, пак, особено се издвојуваат оние плус 52,28 насто на ALTA Banka. Следат бугарската D Commerce Bank (+ 30,28 %) и албанската Tirana Bank Sh.a. (+ 22,46 %).

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично