ПОВЕЌЕ

    ШТО ДОБИВА, А ШТО ГУБИ КОРИСНИК НА КРЕДИТ со помало учество за купување прв стан?

    Време зa читање: 4 минути

    За првпат македонските граѓани добија можност да купат стан или куќа на кредит со само 10 насто учество. Со оваа мерка Народната банка сака да ги зголеми можностите, особено на младите, да си купат свој дом на кредит без потреба да располагаат со многу свои пари за сопствено учество. Ако досега требаше да располагаат во готово со 15 до 25 насто од вкупната цена на станот, сега е доволно да имаат само една десетина од парите, а другите да ги обезбедат со станбен кредит.

    Дали оваа нова математика ќе им одговара на граѓаните што сакаат за првпат во својот живот да си купат свој дом? Одговорот зависи од тоа што сакаат да добијат, a што се подготвени да изгубат во моментот или на долг рок.

    Порталот Пари направи пресметка на ратите за купување стан со учество од 10 и од 20 проценти.

    Помало учество при купување стан на кредит значи поголема месечна рата, а поголема месечна рата значи поголеми трошоци за станбениот кредит. На пример, нов стан од 60 метри квадратни во Скопје, според актуелните цени, чини 114.000 евра, ако се земе за просек 1.900 евра за метар квадратен.

    Ако за овој стан се земе станбен кредит од една од деловните банки во земјава со рок на отплата од 30 години и со учество од 10 насто, односно со 11.400 евра, кои купувачот веќе треба да ги има како лични пари, еве што покажува кредитниот калкулатор на банката.

    Месечната рата во првите пет години со фикcна каматна стапка ќе биде 432,57 евра, а во останатите 25 години, кога каматната стапка ќе биде подложна на промени, според сегашните услови месечно ратата ќе изнесува 507,02 евра. По 30 години само за месечни рати корисникот на кредитот ќе ѝ врати на банката приближно 178.060 евра.

    Ако, пак, го земе кредитот според досегашните услови, односно со учество од 20 насто, еве колку ќе изнесуваат неговите трошоци. Во првите пет години ќе плаќа месечна рата од 384,50 евра, а во следните 25 години рата од 450,69 евра. По 30 години по основ на кредитни обврски ќе врати околу 158.300 евра.

    Значи, за 11.400 евра што ги нема во моментот или што не сака да ги даде како учество за купување стан на кредит, кредитокорисникот е подготвен за 30 години да отплати 19.800 евра повеќе за станбениот кредит што го користи.

    Имајќи ги предвид стапките на инфлација во последните неколку години, оваа математика и не е толку лоша затоа што оваа разлика од 19.800 евра по 30 години практично и нема да постои. Во услови, пак, на постабилна стапка на инфлација, одлуката дали се исплати станбен кредит со помало или поголемо учество, сепак зависи, пред сè, од личните можности на секој што сака да купи нов дом, како и од неговите планови за распределба на личните финансии.

    Купување стан со 10 насто учество е поволна варијанта за тие што немаат доволно заштеда и сакаат веднаш да купат дом, а 20 насто учество е поисплатливо на долг рок, бидејќи значи помалку месечни трошоци и помал вкупен долг.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    КАДЕ СЕ КРИЈАТ НАЈЕВТИНИТЕ КРЕДИТИ? – Одговорот може да ве изненади!

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично