Пуцко петрол го прекршил сѐ уште важечкиот договор со Јавното сообраќајно претпријатие и го стопирал снабдувањето со нафта. Скопјани се соочуваат со можноста повторно да има прекини во јавниот превоз, или како што информираат од ЈСП – оваа ситуација може директно да влијае врз редовното функционирање на автобусите и врската помеѓу различните делови на градот.
ЈСП има долг кој надминувал и над 10 милиони евра по фактури стари и над две години – возвраќаат од Пуцко петрол, додавајќи дека се одговорен снабдувач кој се води по приципите на транспарентност и професионалност.
Од Град Скопје, пак, најавија покренување постапка против Асмир Јахоски и Пуцко петрол за материјална и кривична одговорност, кои произлегуваат како последица од непочитување на договорот за снабдување на ЈСП со нафта, со што имаат цел автобусите на ЈСП да престанат да сообраќаат.
„Под силен политички притисок уценетиот Асмир Јахоски од Пуцко петрол се приклучува на обидите за креирање хаос во Скопје. Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од Пуцко петрол, соочен со обвиненија затворска казна и подложен на уцени иако има активен договор за испорака на нафта ја прекина доставата“, реагираа од Градот.
Пари се обиде да добие подетални информации за конкретните случувања. До ЈСП упативме прашања за тоа колкави се залихите на нафта, дали се размислува за рестрикции на автобуските линии, што треба да знаат и да очекуваат граѓаните. Прашавме и дали можеби ненамирен долг кон Пуцко петрол е можната причина за стопираното снабдување со гориво. Одговори, засега, нема.
Пуцко петрол е еден од најголемите добавувачи на енергенси во државата, со приходи од речиси 4,9 милијарди денари или 79 милиони евра во 2024 година, кога остварил и добивка од 13,2 милиони евра. За 109,32 насто поголема од профитот во 2023 година.
Речиси нема општина, без оглед под чие политичко владеење е, што не ги користи услугите на оваа компанија. Според податоците од Бизнис Мрежа, во сегментот јавни набавки вкупниот број на склучени договори е 3.667 во вредност од безмалку 285 милиони евра. Бројно се реализирани нешто помалку од половина – 1.916, а вредносно повеќе од половина – 147,6 милиони евра.
Само во текот на минатата година биле склучени 296 договори за јавни набавки од над 21,8 милиони евра. Воедно, целосно биле исполнети 364 договори за 55,8 милиони евра.
Инаку, Асмир Јахоски, сопственикот на Пуцко петрол, со бизнис партнерот Ратко Капушевски од РКМ и со уште 11 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачески, кој е во бегство, се осомничени во истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Со што го оштетиле државниот буџет за 167 милиони евра.
Што се однесува до ЈСП, прекинот на испораката на нафта може да има сериозни последици по неговото работење. Од финансискиот извештај за 2024 година се гледа дека претпријатието имало заостанати обврски кон добавувачите во износ од 788,3 милиони денари (12,8 милиони евра). Овој податок веројатно дополнително го отежнува снабдувањето со нафта, иако од ЈСП информираа дека интензивно работат на пронаоѓање алтернативни добавувачи „за да се обезбеди континуирано снабдување и да се намали влијанието врз секојдневниот сообраќај“.
Сепак, сосема е можно граѓаните повторно да бидат оставени на чекање.