ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ГОРАН АНТЕВСКИ: „Раде Кончар“ е компанија што вложува во луѓе, технологија и иднина

    Време зa читање: 4 минути

    Конференцијата „Бизнис Лидер“ годинава за првпат ги обедини највлијателните лидери од различни индустрии, создавајќи простор за размена на идеи, иновации и визии за иднината на македонската економија. Всушност, се воспоставува платформа каде што се истакнува важноста на одржливоста, модернизацијата и лидерството.

    Во рамките на настанот, разговаравме со Горан Антевски, извршен директор на „Раде Кончар – ТЕП“, една од водечките компании во македонската електроиндустрија. Во интервјуто за Пари тој ги изнесе своите размислувања за улогата на компанијата што ја предводи во промовирањето на иновациите, за стратегијата за одржлив развој, како и за предизвиците и можностите што ги носи иднината за оваа индустрија.

    ПАРИ: Како лидер на „Раде Кончар – ТЕП“, што значи за Вас учеството на конференцијата „Бизнис Лидер“, од аспект на промовирањето на иновациите и развојот на македонската електроиндустрија?

    АНТЕВСКИ: Оваа конференција за мене претставува големо задоволство, затоа што тука се сретнавме со сегашни лидери, идни лидери и колеги со кои ќе соработувам во иднина и ќе напредуваме како компанија, како луѓе, како држава, така што ова е една убава можност да се сретнеме сите што размислуваме за иднината во Македонија и пријатно сум изненаден од квалитетот на луѓето кои беа на оваа конференција.

    ПАРИ: Со оглед на глобалните трендови во дејноста, како Раде Кончар – ТЕП ја обликува својата стратегија за одржлив развој и кои чекори ја прават компанијата конкурентна и во регионален контекст?

    АНТЕВСКИ: Иновациите во технологијата, можностите на вработените да се развиваат и нивниот развој во иднина, ни е мотив да работиме. Секако, тука мораме да внимаваме и на финансирањето, на финансиските пазари, и сето тоа ни е мотив само да бидеме подобри во иднина.

    За некоја компанија да биде подобра, најважни работи се вработените и технологијата. Во вработените мора да се инвестира постојано – во нивниот развој, во инженерскиот и стручниот кадар, додека во технологијата мора да се следат сите трендови што се сега модерни. Роботика, вештачка интелигенција и да се вложуваат многу средства, да се откажете од профити, од дивиденди, да се откажете од станови, куќи и коли, само да инвестирате во вашата фабрика, во вашата компанија, за да можете да напредувате.

    ПАРИ: Иновациите и модернизацијата се клучни за секоја индустрија. Како ги интегрирате новите технологии, обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност во секојдневните активности на компанијата?

    АНТЕВСКИ: Така што инвестираме многу. Ние сме компанија која инвестира постојано. Нема година во која не сме инвестирале нешто, некогаш тоа е поуспешно, некогаш помалку успешно, но фактот е дека секое инвестирање е позитивно.

    Ние инвестиравме многу во изминатиов период, најпрво со енергетската криза која се појави пред три години – инвестиравме во фотоволтаици, направивме фабриката да биде скоро независна од електромрежата. Оваа година инвестираме во батериските системи – тие веќе се во функција, инвестираме во товарни електрични возила за транспортен материјал, така што нашата можност секогаш ја гледаме во инвестициите и во намалувањето на трошоците.

    Исто така инвестиравме во ЕСГ – извештајот, со кој видовме каде грешиме и како да се подобриме. Така што овој извештај ни помогна да ги направиме работите да се движат нон-стоп во подобра насока.

    ПАРИ: Какви практични совети би им дале на младите претприемачи во електроиндустријата, чии напори се насочени кон создавање одржлив и конкурентен бизнис?

    АНТЕВСКИ: Ако станува збор за младите претприемачи, тогаш најважна е нивната едукација, затоа што тие се идниот мотор на оваа земја. Во овие услови на работа, би сакал да бидат сè повеќе мотивирани, да учат, да напредуваат, да стануваат подобри луѓе пред сè, а потоа и постручни професионалци. Сето тоа природно ќе го донесе нивниот личен развој и развојот на нивните компании. Истовремено, треба да ги развиваат лидерските способности за да можат да бидат лидери на своите организации или компании.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично