ПОВЕЌЕ

    ЕВЗОНИ КОНЕЧНО БЕЗ КОЛОНИ ОД КРАЈОТ НА 2027: Грција почнува со модернизација на преминот од 24 милиони евра

    Време зa читање: 2 минути

    Летата со километарски редици на Евзони, со часови изгубени во чекање под жешкото сонце, наскоро би можеле да станат минато. Македонските граѓани кои секоја година масовно патуваат кон грчките плажи повеќе нема да се соочуваат со истата фрустрација – грчкото Министерство за внатрешни работи најави голем проект за надградба и модернизација на граничниот премин Евзони, со буџет од 24.625.695 евра.

    Целта на овој проект е да се поправат и надградат објектите на преминот, со што ќе се овозможи значително подобро и побрзо опслужување на патниците. Секоја година низ Евзони минуваат околу 2,5 милиони луѓе, што го прави најголема копнена порта за влез во Грција, но сегашната состојба создава долги колони и комплицирани процедури за пасошка, царинска, ветеринарна и фитосанитарна контрола. Надградбата ќе значи модернизација на постојните објекти со современи еколошки материјали, намалување на енергетскиот отпечаток и подобрување на условите за работа на службите, но и оптимизација на патната инфраструктура за непречен проток на возила.

    Според најавите, проектот ќе овозможи целосно усогласување со регулативите на Европската Унија и интеграција во системите за контрола како Шенген, ЕЕС и ЕТИАС, што ќе значи побрзо и поефикасно спроведување на сите проверки. „Интервенциите се од одлучувачко значење и ќе придонесат за нормализирање на преминот на граѓаните и за побрзо процесирање на возилата,“ истакна генералниот секретар на регионот Македонија – Тракија, Димитрис Галаматис, кој нагласи дека надградбата на Евзони претставува инвестиција од национално стратешко значење.

    Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе ја вклучи обновата на граничните премини во пошироката стратегија за модернизација на копнените влезови во земјата. Завршувањето на проектот, кој ќе го спроведува Децентрализираната администрација на Грција, е предвидено до крајот на 2027 година. По неговото реализирање, долгите колони и повеќечасовните чекања на граница би требало да останат само спомен, а преминот Евзони конечно да прерасне во брза, безбедна и модерна порта за влез во Грција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично