ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО НА ПАРИ: Моторот на македонската економија – 100 најголеми компании

    Време зa читање: 5 минути

    Пари во соработка со Бизнис Мрежа веќе традиционално ги претставува 100-те најголеми компании по приход, добивка и вработени. Покрај табелите во кои може да видите кои се најмоќните фирми и какви резултати имаат, подготвивме серијал за адекватно да ја претставиме моторната сила на македонската економија. Во нашата анлиза не се земени предвид претпријатијата со доминантна државна сопственост, банките и финансиските институции.

    Во овој воведен текст откриваме дека најголемите 100 компании по приход во 2024 година креиралe поголем вкупен приход од оној што тие заеднички го реализирале во 2023 година. Тој тренд на зголемување е присутен и кај вкупната добивка на 100-те најпрофитни фирми, како и кај бројот на вработените на најголемите работодавачи. Но, состојбата е малку поинаква ако се споредат листите на 100 најголеми компании во 2024 со тие од 2023 година. Иако на сите листи – и по приход, и по добивка, и по бројот на вработени во текот на двете споредбени години претежно се истите фирми, сепак има и некои што излегле, а некои што влегле во играта. Резултатот од тоа е што ланските 100 најголеми по приход направиле помал промет од прекланските 100 најголеми по приход, но 2024 е подобра по вкупната добивка од остварената во 2023 година. Што се однесува до бројот на вработените, тој се намалува.

    СТОТЕ НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ СО ВКУПЕН ПРОМЕТ ОД 13,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во Македонија имало 72.181 претпријатие, но најголемите 100 играчи се и најголемите учесници во креирањето на бруто домашниот производ. Тие учествуваат со над 90 проценти во создавањето на БДП!

    Податоците покажуваат дека вкупните приходи на 100-те најголеми компании лани биле 13,2 милијарди евра. Истите овие компании во 2023 година направиле промет од 12,9 милијарди евра. Значи, вкупната вредност на нивниот промет за една година се зголемила за 300 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Листата на 100 најголеми компании по приход и минатата година ја предводи Џонсон Мети. Сепак, најголемата компанија по приход забележала пад од дури 19,6 проценти. Имено, ланскиот промет бил 1,9 милијарди евра, додека во 2023 година тој изнесувал речиси 2,4 милијарди евра.

    Она што особено заслужува да се акцентира е дека збирниот приход на 100-те најголеми компании во тој сегмент во 2024 година е помал од заедничкиот резултат на 100-те најголеми компании по приход во 2023 година. Разликата е 200 милиони евра. Стоте најголеми компании по приход во 2023 година заедно создале 13,4 милијарди евра.

    ДОБИВКАТА ИМ СЕ ПОЗЛАТИЛА

    Разлики има и меѓу фирмите со најголем промет и со најголема добивка. Некои успеале да влезат на листата 100 најголеми по приход, но не и по добивка. И обратно.

    Вкупната добивка на 100-те најголеми компании по добивка во 2024 година била 867,1 милион евра. Истите овие компании во 2023 година направиле добивка од 694,1 милион евра. Значи, лани биле многу попрофитабилни, или растот на нивната вкупна добивка во однос на 2023 година изнесува дури 173 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    На врвот на листата по добивка се наоѓа истата компанија која што е и на врвот по приходи – Џонсон Мети. Реализираната добивка во 2024 година била 63,3 милиони евра и е помала за 17 отсто од добивката во 2023 година, што е очекувано со оглед на значајно намалените приходи.

    Во 2023 година вкупната добивка на 100-те најпрофитни компании била 790,2 милиони евра. За 76,9 милиони евра помалку од компаниите што ја создале листата за 2024 година.

    СТО КОМПАНИИ ИМААТ 88.281 ВРАБОТЕН

    Најголемите 100 работодавачи лани функционирале со 88.281 вработен. Тие имале помалку вработени во 2023 година, кога заеднички ангажирале  86.454 работници.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Најголемиот работодавач во 2024 година било Друштвото за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила ДММ Дрекслмајер Мануфактуринг Македонија ДООЕЛ увоз-извоз  Кавадарци. Оваа компанија лани имала 5.896 вработени, но во 2023 година кога исто така беше на врвот со тогашните 6.300 вработени.

    На списокот на 100 најголеми работодавачи во 2023 година имаше 5.784 работници повеќе. Или, преклани заедно работно ангажирале 94.029 работници.

    Следно од серијалот: Целиот список на 100 најголеми по приход

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично