Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола, како што неофицијално се дознава, ги разгледувал и усвоил резултатите од минатогодишното работење, кои се согледани во разликата од шест милиони евра! По загубата од 190 милиони денари или 3,2 милиони евра на крајот од 2023, Банката ја завршила 2024 со добивка во бруто износ од 182 милиони денари, односно три милиони евра.
Бројките, за кои напоменуваме дека се неофицијални, покажуваат дека оперативната добивка за 2024 e 125 милиони денари (два милиони евра). Доколку се потврди дека е така, тоа значи дека промените во менаџерскиот тим и прудентната оперативна политика придонеле за вакво извонредно постигнување.
Исто така, ова би бил и најдобриот резултат од работењето на Стопанска банка Битола во последните петнаесеттина години. Сѐ уште се паметат времињата кога Банката, раководена од најстариот активен директор во банкарскиот сектор во Македонија, Јаким Ивановски, работеше успешно. Тоа беше потврдено од списанието „Finance Central Europe“, кое во 2003, 2004 и 2005 ја прогласуваше битолската Стопанска за најдобра банка во Македонија, а нејзиниот директор, исто така трипати едноподруго, беше добитник на признанието „Банкар на годината“.